Високите цени на струјата, како и најавата дека тие и во иднина ќе растат, а особено откако ќе почне грејната сезоната, ги загрижија училиштата, градоначалниците, но и родителите. Сите се прашуваат како ќе тече наставата во овие месеци. Од Владата сѐ уште нема конкретни одговори на ова прашање.
Веќе подолго време дел од градоначалниците упатуваат апели до Владата за училиштата, кои се непрофитабилни институции, потрошувачката на електрична енергија да не се тарифира како индустриска, туку да се наплатува по цените како за домаќинствата. Дали е тоа можно?
Дали цехот пак ќе го платат децата и родителите?
За да се намалат трошоците за струја, а притоа да не дојде до промена на моделот на наплатата, односно струјата и натаму да се плаќа како индустриска, дел од општините на Министерството за наука и образование (МОН) му предложија други решенија. Едни предлагаат учениците да се префрлат на онлајн настава. Други се залагаат за продолжен зимски распуст во најстудените месеци. Ваквите предлози предизвикаа и револт кај родителите, затоа што според нив, понудените решенија уште повеќе ќе влијаат негативно врз образованието на децата. Онлајн-наставата за време на пандемијата ги тргна децата од училиштата и сега ќе биде многу лошо ако тие пак останат дома.
– Институциите мора да сторат сѐ што треба децата физички да останат на настава, затоа што тие премногу загубија од тоа што седеа дома и со онлајн-часовите ништо не научија како што треба. И пак никој не нѐ прашува нас, родителите. Најлесно е пушти ги децата дома. Но што да правиме ние тогаш? Ќе страдаат и нашите домашни буџети. Ев,е ние дома се грееме со клима уреди, па кога нема никој дома, ние на работа а децата на училиште, климите се наместени на пониска температура, а тоа значи и помала потрошувачка. Ако децата бидат дома, домовите ќе треба да се греат постојанио, а со тоа ќе растат и сметките за струја. Се плашам дека тие ќе си најдат некакво решение, а ние ќе го платиме цехот, ние и децата – вели скопјанецот Александар, револтиран од ваквите најави.
Плусинфо разговараше со неколку општински градоначалници, кои велат дека токму сметките за струја ќе бидат нивниот најголем проблем во месеците кои следат.
– Нѐ очекува многу тежок период, затоа што речиси сите училишта кај нас се со сопствено греење, а како што знаете, цените на мазутот се во постојан раст и затоа ќе имаме проблеми во таа насока. Ние со ребалансот на буџетот пренасочивме многу средства кон ова, така што одложивме некои не толку итни проекти. Мора да се грижиме за образованието на нашите деца – вели градоначалникот Александар Стојкоски, градоначалник на Ѓорче Петров.
Тој посочи дека се соочува и со друг проблем, а тоа е доцнењето на капитациите кои треба да ги исплати Владата кон општините, кои веќе се значително помали од претходните што ги добивала општината.
– Повеќекратното намалување на капитацијата ни претставува голем проблем, бидејќи тие средства ни беа планирани токму за обезбедување електрична и топлинска енергија за училиштата. Повеќе пати, како општина, но и преку ЗЕЛС, баравме од Владата образовните институции да не се снабдуваат со електрична енергија на слободниот пазар, по цена која е значително повисока од таа што се продава преку ЕВН. Баравме и овие објекти да бидат пренаменети и електричната енергија да не им се наплатува како индустриска, затоа што градинките и училиштата не се профитабилни, поточно не остваруваат профит, за да може да си го дозволат тоа. Како за ова, но и за други прашања, побаравме помош од Владата и од надлежните министерства, но засега има само молк од нивна страна. Ќе биде навистина тешко, но ќе направиме сѐ што е во наша моќ децата да не се смрзнуваат во периодот што следи – рече градоначалникот на општина Ѓорче Петров.
Општина Центар е за промена на тарифата за училиштата
Од кабинетот на градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, ни изјавија дека навистина е потребно да се случи префрлување на училиштата од индустриска тарифа во тарифа што се користи за домаќинствата, особено во зимскиот период. Така ќе се намалат трошоците и ќе се овозможи тие средства да се пренасочат за нешто што ќе биде од помош во справувањето со енергетската криза.
– Навистина ќе ни биде од голема корист доколку дојде до промена на тарифата за електрична енергија што ја трошат училиштата. Кај нас речиси сите училишта користат централно парно греење, но сепак потрошувачката на струја е исто така голема, затоа што станува збор за објекти со големи квадратури, а кои се оставени без многу можности за штедење. Поради тоа сметаме дека од големо значење за нашата општина ќе биде доколку ќе има промена во наплатата на струјата – нѐ брифираа од кабинетот на Герасимовски.
Од општина Аеродром нѐ информираа дека нивниот став е дека наставата мора да тече со физичко присуство на учениците. И покрај пречките од централната власт, општината ќе го обезбеди тоа.
– И покрај немањето слух на централната власт за проблемите со кои се соочува локалната самоуправа, а за што говорат и намалените дотации и трансфери во време на сериозна енергетска и економска криза, Општина Аеродром останува цврсто на ставот дека неопходно е учениците да останат во училишните клупи. Секоја одлука спротивна на ова негативно ќе се одрази на целиот образовен процес – велат надлежните.
Општината Аеродром ќе ги преземе сите неопходни чекори со цел младите да можат да посетуваат редовна настава и да не се загрози образовниот процес. Ова подразбира и преземање на целиот товар што ќе произлезе од трошоците за обезбедување настава со физичко присуство, доколку од страна на централната власт така биде наложено.
Вонредни кратки распусти во најстудените периоди?
Градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, предложи да се зголемат блок дотациите кои стигнуваат до општините, со цел да се покријат тековните трошоци, но и да се размислува и за дополнителни кратки распусти за учениците, согласно временските прилики.
– Гледаме дека Владата троши големи средства од буџетот за патување на бројни делегации во странство, купување нови автомобили, набавка на морски плодови, ручеци по ресторани и слично. Ако има пари за сево ова, тогаш мора да се обезбедат пари и за непречено функционирање на училиштата. И затоа Владата, преку МОН, треба итно и неодложно да обезбеди зголемување на блок-дотациите кои стигнуваат до општините со цел покривање на тековните трошоци, како основна мерка. Треба да се размислува и за дополнителни кратки распусти за учениците, согласно временските прилики, но секако тие на крајот да не влијаат на реализирање на годишната програма – пишува Стефковски во објава на својата официјална страница на Фејсбук.
Државата треба да овозможи училиштата, здравствените установи и јавните претпријатија да функционираат и да обезбеди струја за нив преку ЕСМ која е субвенционирана, велат и експертите.
Професорот Антон Чаушевски смета дека владата ќе мора да обезбеди струја за училиштата и здравствените установи по цена поповолна од онаа што ја имаат сега, но вели таа не може да биде иста со цената за домаќинствата.
– Ако максимално се ангажираат сите производни капацитети, со обезбедени јаглен, мазут, гас и ако остане струја од домаќинствата, бидејќи не се знае колку тие зимава ќе трошат, би можело на овие институции да им се продава струја како за домаќинствата. Но, со оглед на состојбата во која мора да се обезбедува струја од увоз, мислам дека цената нема да може да биде иста со онаа за домаќинствата. Сепак, треба нешто да се направи, да се направат некакви бенефиции, овие институции да не плаќаат пазарна цена на струјата, туку многу пониска цена од пазарната. Ако тие плаќаат, на пример, 200 евра мегават заедно со мрежарината, би била соодветна, но ако на цена од 200 евра за мегаватчас плаќаат и мрежарина оваа цена е превисока за овие институции – вели Чаушевски.
Бектеши е убеден дека струјата за училиштата ќе се обезбеди преку ЕСМ
Министерот за економија Крешник Бектеши во гостувањето во Сител истакна дека децата многу изгубија во време на ковид пандемијата.
– Сега, поради енергетската криза, подобро е да им помогнеме на училиштата отколку да ги оставиме децата да изгубат многу. Потрошувачката за петте месеци, од ноември до март, за сите училишта на ниво на државата е околу 10 гигават часови и тоа може да го обезбедиме преку ЕСМ, па убеден сум дека ќе најдеме решение – рече Бектеши во централниот дневник на телевизија Сител.
Според неговите проценки, училиштата не би требало да имаат проблем до крајот на март. Од МОН за Плусинфо велат дека училиштата нема да бидат затворени во текот на грејната сезона и дека наставата ќе се одвива најнормално.
– Ставот на Министерството за образование и наука е дека училиштата треба да бидат постојано отворени за време на учебната година и наставата да се организира со физичко присуство, бидејќи тоа е од најдобар интерес на учениците, а воедно и предвидено во календарите за организирање на работата на основните и средните училишта во учебната 2022-2023 година. Сепак, МОН ќе ја следи состојбата и во меѓувреме ќе се разгледуваат сите пристигнати иницијативи и за било какви нови одлуки, јавноста навремено ќе биде известена. Во овој момент и за општините и за училиштата под нивна надлежност, важат препораките и мерките за штедење на електрична енергија кои неодамна ги објави Владата на Република Северна Македонија – велат од ресорот.
КОНСТАНТИН ДИМИТРОВ: ВЛАДАТА ОД ТЕ-ТО ДА КУПИ СТРУЈА ЗА ДОМАШНИОТ ПАЗАР, АМА ДА ОБЕЗБЕДИ ГАС – УЧИЛИШТАТА ДА ПЛАЌААТ КАКО И ДОМАЌИНСТВАТА
– Секако дека училиштата, здравствените установи и јавните водоснабдувачки претпријатие можат да се снабдуваат со струја од ЕСМ по цени како за домаќинствата. Владата тоа може и мора да го направи. Но, единствен проблем овде е тоа што домашните енергетски капацитети нема да можат да произведат толкави количества струја и таа струја ќе мора да се увезе. Значи, ќе треба да се плати од страна на државата, која има можност да зема заеми. Ако овие институции купат струја од ЕСМ таа ќе биде далеку поевтина од онаа што сега ја имаат на отворениот пазар. Со еден збор, државата, во овој случај, со струја од домашно производство, ќе ги помогне овие институции и установи нормално да функционираат, што е нејзина обврска, бидејќи тоа се државни институции – вели професорот Константин Димитров.
Според него, ваква субвенционирана струја треба да добијат само државните институции, но не и приватните, кои во меѓувреме прават високи профити. Димитров додава дека владата има можност да се договори со приватната централата Те-То целокупното производство на електрична енергија од 200 мегават часа да се продава на домашниот пазар.
– Но, притоа ќе треба да обезбеди гас за работа на оваа централа, која дава електрична и топлинска енергија, истовремено што има две позитивни страни. Прво ќе се обезбедува струја од домашно производство, а второ ќе има обезбедена топлинска енергија за парното во Скопје – вели Димитров.
Според него, сегашната состојба, повторно ја наметнува потребата да се размислува за изградба на енергетски капацитети во државна сопственост, а не да се даваат на странски инвеститори, кои во вакви кризни состојби можат да го доведат во прашање снабдувањето со струја на земјата.