Силни сигнали доаѓаат и од Белград и од Приштина дека ќе биде прифатен француско-германскиот предлог за Косово во понеделник, велат извори од ЕУ. Висок претставник од Унијата кој сакал да остане неименуван изјавил дека Заедницата на српски општини(ЗСО) е дел од договорот, а со прифаќањето на европскиот предлог, ЗСО автоматски се прифаќа, пренесува Н1.
Како што изјавил висок претставник на ЕУ, нема да се разговара за содржината на предлогот, туку само за неговата имплементација, што е дефинирано во посебен анекс.
Тој додаде дека тоа е основен договор, кој е толку сеопфатен што се доближува до таканаречениот „сеопфатен правно обврзувачки договор за нормализација на односите меѓу двете страни“.
Во понеделник во Брисел ќе се одржи средба на највисоко ниво во рамките на дијалогот меѓу Белград и Приштина. Своето учество го потврдија српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти.
Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, во средата изјави дека Србија има силен интерес да ги подигне односите со САД на ниво на стратешко партнерство, чиј еден од клучните столбови би била економската соработка, како мотор за натамошно зајакнување на економските и севкупните врски меѓу двете земји.
Зборот „стратешко партнерство“ кој Дачиќ го употреби некои медиуми во Србија го протолкуваа како нов пресврт во српската надворешна политика, каде Србија за првпат се врти кон Вашингтон, а ја занемарува Москва.