„Вина од Македонија“ бара пазарот да ја утврди откупната цена на грозјето

Lorita
By Lorita 5 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Секое непазарно зголемување на откупната цена на грозјето ќе предизвика значително зголемување на вкупните трошоци, а со тоа и на продажните цени на нашето наливно вино, со што тоа станува неконкурентно на пазарите каде се извезува, што пак ќе значи губење на пазарите и пропаѓање на овие домашни винарници, реагираат од здружението „Вина од Македонија“ откако лозарите оценија дека им е понудена ниска цена за грозјето и побараа институциите да се вмешаат во формирањето на откупната цена.

Од Здружението сметаат дека единствен начин како да се спречи натамошното финансиско исцрпување и пропаѓање на дополнителен број македонски винарници е цената на грозјето да се утврдува помеѓу производителите на грозје и вино, според пазарни механизми на понуда и побарувачка и показатели кои се применуваат секаде во светот, како што се: приносот, квалитетот и географската ознака.

– На таков начин, домашните винарници ќе можат да останат конкурентни и ќе можат да продолжат да вложуваат во развојот и производството на квалитетно вино кое ќе може да постигне повисока цена на пазарот, со што тие ќе можат да платат и повисоки цени за грозјето кое го откупуваат од лозарите – велат оттаму.

Здружението „Вина од Македонија“ смета дека единствено преку ефективен дијалог помеѓу сите засегнати страни може да се дојде до вистинските решенија.

– Здружението и неговите членки се подготвени во секое време да ги презентираат пред сите засегнати страни, своите аргументи и предлози кои треба да овозможат вистински долгорочен развој на македонската винска индустрија и лозарство – велат од „Вина од Македонија“.

Од здружението предлагаат и неколку начини како да се подобри домашното производство на грозје и вино со чија имплементација би се надминале сите предизвици во индустријата.

– Треба да се воведат и почитуваат светските стандарди и практики во лозарството кои треба да обезбедат повисок квалитет на грозјето и виното. Исто така треба да се вложува во развој на современо лозарство, преку набавка на соодветна механизација, окрупнување на земјиштето, субвенции за производство со географски ознаки и слично, со кои ќе овозможи намалување на трошоците за производство на грозје – велат од Здружението.

Како еден од факторите за решавање на проблемите се предлага и воvедување субвенции за винарниците кои вложуваат во производство на висококвалитетни вина со контролирано и гарантирано потекло, во напредни технологии и одржлив развој, како и поддршка за зголемување на извозот и позиционирање на македонското вино на светската винска мапа, што носи долгорочни придобивки за сите, вклучително и за лозарите и државата.

– Имплементацијата на овие чекори и обезбедувањето на неопходната поддршка за развој на домашното лозарство и винска индустрија ќе помогне во градењето на имиџот на Македонија како производител на висококвалитетно вино, што ќе има влијание врз зголемување на цените на извезените вина, кое пак ќе донесе поголема трговска размена и поголем девизен прилив, а сето тоа следствено ќе се одрази и на зголемување на цената на грозјето – велат оттаму.

- Advertisement -
Ad image

Токму благодарение на напорите на Здружението, велат, просечната цена за литар извезено флаширано македонско вино е зголемена од 1,14 евра во 2020 година, на 2,11 евра во 2023 година. Истовремено, во последните неколку години променета е и структурата на извозот, при што сега близу 40% од извезеното македонско вино во странство е флаширано, што генерира дури над 70% од вредноста на целокупно извезеното вино.

– Доколку не се спроведат неопходните чекори и изостане поддршката која треба да обезбеди развој и модернизација на домашното лозарство и винска индустрија, први на удар ќе бидат производителите и извозниците на наливно вино од нашата земја, кои целосно го пласираат своето производство на странските пазари, а особено во Германија, каде веќе поголем временски период цените на ваквото вино се во постојан пад, предизвикан од влезот на евтино вино од Шпанија и Италија – велат од Здружението.

Во здружението „Вина од Македонија“ членуваат најголемите производители и извозници на македонско вино.

- Advertisement -
Ad image
Share This Article