На 8-ми и 9-ти јуни во храмот „Свети Атанасиј“ во село Вишни (струшки регион) и во храмот „Света Софија“ во Охрид, ќе се случи свечениот чин на канонизација на новите македонски светци Спаса и Спасе Вишенски.
Настанот претставува крунисување или завршување на еден процес што е започнат пред речиси еден век, со откривањето на моштите на светата Спаса, со што почнале да се празнуваат богослужбено и црковно, особено света Спаса, чие пак житие не може да се раскаже без свети Спасе.
Во сабота, на 8-ми јуни, во храмот „Свети Атанасиј“ во струшкото село Вишни ќе се отслужи вечерна богослужба на која ќе претстои епископот Антаниски г. Партениј во сослужение со свештеници од Струшкото намесништво, по што моштите на света Спаса ќе бидат измиени и префрлени во нов кивот (кутија) и пренесени во храмот „Света Софија“ во Охрид.
Таму, после вечерната богослужба, моштите ќе ги пречека надлежниот арихиереј Митрополитот Дебарско-кичевски и Плаошко-струшки г. Тимотеј, кој ќе ги внесе во храмот и ќе отслужи последен парастос за двајцата праведни, според востановената практика на Црквата.
Следниот ден, на Литургија со која ќе чиноначалствува Неговото Блаженство архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, во сослужение со сите архиереи на помесната Црква, ќе биде објавена одлуката за впишувањето во списокот на светиите, на праведните Спасе Вевчански и Спаса Вишенска.
„Житието на светите исповедници и праведни Спасе и Спаса, започнува и се испреплетува со историјата на големиот и познат манастир посветен на Вознезението Христово, кој се наоѓал над селото Заграчани, во месноста која и денес е позната како Бабуш.
Според пишаните извори и спроведените археолошки истражувања, манастирот постоел сè до големите освојувања на Османлиите, кога бил и разрушен.
Тоа се годините кога отоманските освојувачи ја зацврстуваат својата власт на Балканот и во Македонија и тоа го правеле на свиреп и страшен начин.
Спалувале цели села и населби, го убивале и раселувале домородното христијанско население, како што било и со селото Заграчани.
Се претпоставува дека свети Спасе и Спаса потекнувале токму од тоа село, па откако истото било запалено, тие двајца како сираци биле примени во блискиот манастир.
Но набрзо и манастирот бил запален, по што започнале нивните подвизи по падините на планината Јабланица.
Света Спаса се населила во веќе постоечка пештерна црква, кај селото Вишни, а свети Спасе, исто така во претходно познато пештерско живеалиште над селото Вевчани.
Света Спаса набрзо маченички го завршила својот живот, за да не падне во рацете на освојувачите, а свети Спасе, повеќепати тепан поради својата вера православна, живеел како пустиник низ јабланичките шуми, проповедајќи ја христијанската вера.
Се упокоил во длабока старост и не се знае местото на неговото погребение.
Mоштите на света Спаса се откриени во 1927 година, во пештерната црква во која се населила, а од средината на XIX век имаме неколку непосредни извори, писма на француски и британски конзули, кои зборуваат за страдањето на христијанското население во Струшко, и кажуваат дека е убиена една девојка, а христијаните во Вевчани се жестоко мачени.
Споменот на Спасе и Спаса е поврзан со празникот на Вознесението Христово – Спасовден“, објаснува ставрофор Александар Димоски, парох Струшки.
На настанот што ќе се случува на 8-ми и 9-ти јуни во село Вишни и во Охрид се поканети и архиереи од други православни цркви, и секако, добредојдени се сите верници кои сакаат да бидат дел од овој свечен чин.