Основачи и видни членови на СДСМ, луѓе од т.н. златен период на таа партија, се обидуваат да конституираат поддршка за идејата поранешниот министер за финансии Никола Поповски да биде единствен кандидат за лидер на партијата, дознава Плусинфо.
– После тешкиот изборен пораз, партијата потона во внатрешни фракциски борби. Разни партиски фракции, а предничи крилото на Зоран Заев, упорно работат да го преземат СДСМ. Нивните мотиви се спорни, а некои од истакнатите кандидатури би можеле да бидат проблематични и од формален аспект. Ние сметаме дека решение на оваа криза е целата партија да се обедини околу лик со докажани квалитети, и како партиец и како експерт и како човек, за кој никој не може да каже дека е корумпиран или искомпромитиран. Никола Поповски е таков лик – тврди нашиот извор и додава дека тој и група видни членови на СДСМ веќе конституираат поддршка во партиската база за нивната идеја.
Никола Поповски засега не се изјаснува за идејата, бидејќи тој формално не е предложен или самокандидиран. Нашиот извор предупредува дека ниту тој, ниту било кој друг од постарите партиски кадри, нема да прифати битка со партиските фракции, бидејќи ако изборите се вршат по правилата воспоставено во Заево време и со очекуваните манипулации на теренот, голема е шансата да бидат поразени.
– СДСМ не е победничка партија, не е ниту партија која доживеала нормален и прифатлив пораз, туку е партија пред распаѓање. Новиот лидер ќе има тешка задача да ја крене на нозе и да ја води во периодот што следи. Зошто некој би се кандидирал да се нафати на таква задача, а при тоа да ризикува и самиот да биде втурнат во фракциски борби и во кавги со противкандидатите? Многу членови и симпатизери на СДСМ се убедени дека изборот на нов лидер во една блиц-криг постапка нема ништо добро да ѝ донесе на партијата. Во традицијата на СДСМ е партијата во тешки моменти да се обединува, а не да се разединува и да се цепи на фракции – вели нашиот извор.
Според информациите на Плусинфо, идејата Никола Поповски да застане на чело на СДСМ наидува на одобрување и меѓу членовите и симпатизерите на партијата, но и меѓу политички неутралните, на кои им е важно Македонија да не остане без силна опозиција.
Никола Поповски е економист. Од 1992 до 2002 година бил пратеник во Собранието на Република Македонија, координатор на пратеничката група на СДСМ, член на Парламентарното собрание на Советот на Европа и член на повеќе комисии во Собранието на Советот на Европа во Стразбур. Во 1993 година е шеф на македонската делегација во Парламентарното собрание на Советот на Европа во Стразбур, претседател на собраниските комисии за надворешна политика, екологија, млади и спорт и за финансирање и буџет.
Од 3 октомври 2002 до 7 ноември 2003 година ја вршел функцијата претседател на македонското Собрание. На 7 ноември 2003 година станал министер за финансии во тогашната влада на Бранко Црвенковски. По парламентарните избори во 2006 година бил избран за пратеник во Собранието и на таа функција останал до предвремените парламентарни избори во 2008 година.
Од февруари 2009 година работи на Европскиот универзитет во Скопје, како професор по предметите Економија на развојот и Здравствено и социјално осигурување.
(Фотографија: Фејбук профил на Никола Поповски)