Полицијата вчера пресече канал за меѓународен транспорт на наркотични дроги и заплени околу 67 килограми марихуана, со проценета вредност од околу 250 илјади евра. Преземени се интензивни мерки за проверка и анализа, при што е дојдено до информации и утврдување на идентитетот на лицето кое е инволвирано во вршење на транспортот – соопшти МВР.
СВР Велес до надлежното ОЈО Велес денеска ќе поднесе кривична пријава по член 215 од Кривичниот законик, а лицето ќе биде спроведено пред судија на претходна постапка од Основен суд Велес, информира МВР.
Како што појаснуваат од МВР, вчера се координирани полициски службеници од Отсекот за дрога при СВР Велес кои околу 15.30 часот на наплатна станица Отовица, во правец на Скопје, запреле возило „фолксваген туран” со скопски регистерски ознаки, управувано од Д.Ј.(46) од Скопје.
– Под сомнение дека со возилото се пренесува наркотична дрога, тоа е пренесено на Граничен премин Блаце, каде од страна на тим од мобилна царина и со употреба на службено царинско куче, извршен е детален преглед и во возилото е откриен специјално направен простор-бункер во подот од возилото, вклучувајќи го и подот од багажниот простор, како и резервоарот од самото возило, кои биле исполнети со повеќе пакувања со марихуана во количина од околу 67 килограми. Лицето за паричен надомест од 2.500 евра требало со неговото возило да ја транспортира дрогата од Република Албанија, преку територијата на нашата земја, до Република Турција како крајна дестинација – рече портпаролот на МВР, Сузана Прањиќ Талевска.