Видео од тепањето на Христијан Пендиков во Охрид презентираше денеска обвинителката во судот во Охрид. На снимката машко лице кое личи на обвинетиот Илија Спасески застанува пред друго лице кое личи на Пендиков, секретарот на бугарскиот клуб во градот.
– Лицето кое личи на Спасески замавнува со десната рака во висина на лицето. Истото лице му задава уште еден удар во пределот на грбот кај вратот – рече обвинителката.
Претходно, обвинетиот Спасеки се изјасни за невин за делото „нанесување тешки телесни повреди“.
Адвокатот од одбраната, Димитрија Цобоски кусо образложи дека одбраната не спори дека таа вечер Пендиков бил повреден, но дека ќе успее во доказната постапка да го убеди Судот дека нема материјални докази дека првообвинетиот Спасеки е извршител на делото и дека нема докази за зборови на омраза како што тоа сака да го наметне Обвинителството.
Пендиков не се појави на денешното рочиште, а следното рочиште судијата го закажа за 31 мај, кога ќе бидат повикани да сведочат вешти лица од областа на медицината и информатички технологии, како и тројца сведоци.
Застапникот на оштетениот Пендиков, адвокатот Стефан Камишевски, пред Судот образложи дека неговиот клиент не присуствуваше на денешното судско рочиште од здравствени причини. Тој рече дека Христијан Пендиков ќе се појави секако пред Судот откако ќе му заврши лекувањето, како и дека сега е во подобра здравствена состојба.
За самата постапка рече дека е во насока да се утврди што се случило во критичниот настан.
Инцидентот со Христијан Пендиков се случи на 19 јануари во кафе-бар на Кејот на Охридското Езеро во Охрид.
Оштетената страна во процесот предјави парично оштетно побарување, согласно тежината на повредите на оштетениот во кривичното дело.