Поранешниот командант на УЧК, Рафиз Алити, со прекар Учителот, кој учествуваше во конфликтот во 2001 година, во интервју за ТВ Алсат изјави дека првиот човек на ДУИ Али Ахмети пред неколку месеци разговарал со премиерот Димитар Ковачевски околу законско решение, со кое би биле опфатени сите засегнати од конфликтот во 2001 година, вклучувајќи ги тука и поранешните војници на УЧК и семејствата на мачениците, за кои веќе две децении се ветува решение, објави весникот на албански јазик „Лајм“ во текст со наслов „Ахмети разговарал со Ковачевски за Законот за УЧК“.
„Лајм“ пишува: „Но, Алити не кажа каков бил исходот од овие разговори меѓу двајцата партнери од владината коалиција и дали Ковачевски покажал подготвеност за идејата на Ахмети. ДУИ и нејзиниот шеф Али Ахмети од крајот на војната повеќепати ветуваа правно решение за статусот на УЧК, но ова прашање остана нерешено и 22 години по конфликтот“.
Алити открива дека пред неколку месеци првиот човек на ДУИ Али Ахмети го отворил ова прашање со премиерот Димитар Ковачевски и со поранешниот генерал Стојанче Ангелов, дека е подготвен да се усвои закон, кој ќе се занимава со категориите настрадани во 2001 година.
„Не се само борците на УЧК. Има и неколку други категории, како што е случајот со Куманово, случајот со Порој, или во Тетово, кое беше бомбардирано, или во Љуботен, случајот со цивилите, кои настрадаа. Ги имаме и семејствата на исчезнатите, било од македонска или од албанска страна. Со сеопфатен закон да овозможиме да бидат третирани од државните институции, за да имаат некаква бенефиција, бидејќи и тие семејства мора да преживеат. Донесувањето закон во оваа насока би било од корист за сите граѓани, без разлика кој на која страна биле во 2001 година“, истакна Рафиз Алити во интервју за ТВ Алсат.