Верувале или не, 15-годишно момче од Кавадарци е лицето што преку електронска пошта испратило заканувачка порака до три училишта за поставена бомба, соопшти денеска МВР.
Против момчето е поднесена пријава за кривично дело „тероризам”.
Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал денеска ја поднел пријавата до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
„Малолетникот на 04.12.2022 година, од неговиот персонален компјутер на интернет апликација преку хакирана електронска адреса, на службените електронски адреси на три основни и три средни училишта, сите на територија на општина Кавадарци, испратил заканувачка порака за поставена бомба во објектот. Исто така, на 12 декември 2022 година, од истиот персонален компјутер на службената електронска адреса на основно училиште во Кавадарци испратил заканувачка порака со слична содржина како претходната“ – се вели во соопштението од МВР.
Веднаш по дојавата за поставена експлозивна направа, од Единица за откривање и демонтирање на експлозивни средства и направи, извршила антитерористичка проверка на сите училишта кои што ја добиле пораката, при што не се пронајдени експлозивни направи.
Во домот на малолетникот се извршени претреси на 12 декември и е запленет еден компјутер и еден мобилен телефон, кои ги користел малолетникот. Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика извршил преглед на овие електронски уреди и пронашол докази за испратените пораки со заканувачка содржина, информираат од МВР.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по 18 дена од настанот денеска токму од Кавадарци откри дека е расчистен еден случај и дека ќе следи кривична пријава.
Лажните дојави за бомби ги вознемирија учениците, родителите и наставниот кадар во Кавадарци. Една од електронските пораки на малолетникот залутала во „спам“, иако на неа пишувало „итно“.