Вело Марковски обвини за фабрикувани докази

Lorita
By Lorita 25 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

По 7 години судење, менување обвинителни акти, стотици страници докази и по неколку одложувања, предметот за наводната трговија со артефакти влезе во својата последна фаза – завршни зборови. Меѓу обвинетите е и познатиот инфектолог и универзитетски професор д-р Вело Марковски. Но, наместо правен расплет, судницата наликуваше на „Рашомон“. Обвинителството се повлекува, но не сосема; судијката повремено губеше фокус, а обвинетите бараа правда.

Ако некој не знаел дали станува збор за археолошка фикција, политички прогон или за нешто друго, по завршниот збор – се чини, не е ни важно. Вистината, како и артефактите, не е откопана… или можеби намерно е закопана.

Не станал заштитен сведок, па добил кривична пријава

Рочиштето започна со завршниот збор на првообвинетиот Ристе Панов кој ги отфрли сите наводи против него како „измислици без аргументи и без докази“.

– Според обвинението, јас на 7 октомври 2017 година сум формирал група и сум изнесувал артефакти во странство. Никогаш не сум ја напуштил државата на 7 октомври 2017 година – рече Панов.

Тој потенцираше дека не копал со д-р Вело Марковски, не поседувал археолошки предмети, посочувајќи дека на снимките, доставени од обвинителството, се гледа како влегува во дуќанот на сведокот Васка со празна кеса, а излегува со полна – што, вели тој, докажува дека ги купил предметите.

Панов негираше дека чувал предмети кај д-р Вело Марковски или дека некогаш користел метал детектор. Тој рече дека обвинителката Маја Конеска конструира сценарија без материјални докази.

– Не е точно дека сум чувал предмети кај Вело, не сум поседувал христијански слики, не сум ги нудел. Одевме со Вело на планина, но не на локалитет. Да беше локалитет, прв ќе знаев бидејќи цел живот сум го минал таму по собирање печурки и поради вршење други активности. Обвинителката нема ниеден материјален доказ, па барем да викнеше еден сведок дека сум продавал археолошки предмети и камења. Никогаш не сум имал метал детектор, тоа се потврди со претресите, станува збор само претпоставка на обвинителката – рече Панов.

Панов додаде дека фотографиите на кои се базира дел од обвинението се симнати преку Вибер и не претставуваат доказ за продажба. Напротив, обвини дека обвинителството селективно ги исекло и ги прикрило сликите што се во полза на Панов.

За обвинувањето дека кај него бил пронајден македонски рубин, Панов рече дека таков рубин не бил најден кај него дома.

- Advertisement -
Ad image

Посебно внимание посвети на обидот да биде врбуван како заштитен сведок, според неговото тврдење, а потоа детално ја опиша сцената.

– Обвинителката ми се јави телефонски да се видиме, средбата се случи во кафе бар. Дојде со двајца инспектори, извади фотографии од лица што ги знам и што не ги знам. Ми покажа фотографија и од сега обвинетиот Бобан Досевски. Ми рече да станам заштитен сведок. Не прифатив. По 2 дена добив покана да одам на распит – рече тој.

Тој ја посочи и апсурдноста во обвинувањето за нелегално поседување оружје поради патрони од ловечка пушка, кои, објасни тој, биле сопственост на неговиот татко и најдени во неговата соба.

- Advertisement -
Ad image

– Да се засрами обвинителката, ова вторпат го прави за истите куршуми и пушка, сопственост на татко ми – изјави Панов.

Панов доставил и имотен лист, со кој покажал дека куќата е заедничка сопственост на семејството, а ловечката опрема припаѓала на брат му и на татко му. Во емотивен дел од завршниот збор, Панов раскажа дека неговите живот и семејство се уништени од овој процес.

– Судијата ме опомена да не давам жалба бидејќи ќе сум лежел затвор, така било наредено од горе. Ни го зацрни животот мене и на моето семејство – заврши Панов.

Нема време, место, дело – нема ни доказ

Адвокатот на Ристо Панов, Владо Џилвиџиев, потенцираше дека во обвинителниот акт недостасуваат основни правни елементи – кога, каде и како наводно се случило делото. Наместо прецизни факти, рече Џилвиџиев, обвинението се потпира на паушални тврдења, недоречени сценарија и на симболички разговори што не се ниту криминални, ниту доволни за пресуда.

Ниту еден доказ, посочи Џилвиџиев, не потврдува дека Панов некогаш ископал нешто. Напротив, посочи тој, сите докази укажуваат на тоа дека купувал од сувенирници. Монетите, што се најдени, додаде Џилвиџиев, се евтини железни копии, а не скапоцен нумизматички материјал.

Во однос на наводните археолошки предмети, адвокатот објасни дека нема докази дека станува збор за оригинали, ниту дека се ископани. Обвинението, според него, е изградено на погрешно толкување на секојдневни разговори, без суштинска правна анализа и без ниеден сведок што би потврдил наводна продажба.

Џилвиџиев остро ја критикуваше логиката на обвинението – откако обвинението за злосторничкото здружување е повлечено поради застареност – кое се преформулираше во серија други дела што, според него, се изведени од истото застарено јадро.

– Се зборува во идно можно време, дека ако ги нашле артефактите, ќе ги ископале, ќе ги продале. Тоа не е кривично дело – објасни Џилвиџиев.

Додека адвокатот со методичен тон ја развиваше својата правна анализа, судијката Софче Гаврилова Ефремова и дел од поротата делуваа отсутно. Судијката во еден миг изгуби фокус. Џилвиџиев немаше проблем, продолжи да ги раскажува проблемите со обвинението, но повремено ја погледнуваше судијката, па подвикнуваше, нагласуваше понекој збор, но таа беше имуна на неговиот инаку рамен и професионален глас, па продолжи да си зборува со поротничката.

Џилвиџиев ја опиша и социјалната динамика меѓу обвинетите, потенцирајќи дека д-р Марковски му помагал на Панов со позајмување пари и со пелени за децата, објаснувајќи дека во таа сиромаштија, Ристе Панов се фатил за Вело Марковски поради ситните подароци што можел да ги добие.

– Дали ова се кривични дела? – праша адвокатот, оставајќи му на судот одговор кој, според него, може да биде само еден.

Џилвиџиев предложи да се ослободи Панов од обвинението, а и да му се исплатат трошоците за одбрана.

„Ако знаете за што сум обвинет, кажете ми“

Во завршниот збор, д-р Вело Марковски посочи дека и по 7 години, сè уште не знае точно за што е гонет.

– Според рецензираниот обвинителен акт сум трет обвинет, па според истиот, барам да ми се прецизира за што сум обвинет – рече тој пред судот.

Марковски рече дека целиот случај е полициска конструкција – од инспектори што провоцирале настани до медиумска хајка што го прикажала како криминалец. Тој повторно посочи на процесниот апсурд, обвинителството формално се откажало од гонењето за „злосторничко здружување“, а потоа продолжило да гони група од 6 лица како да се злосторничко здружение, обвинувајќи дека сите дејствија во новиот обвинителен акт се директно изведени од застареното дело и дека само паричките што биле пронајдени кај него се „самостојна“ ставка, но дека ни за нив нема категоризација, ниту, пак, доказ дека станува збор за културно наследство.

– Обвинителот не прецизира кој предмет е природна реткост, а кој е под заштита, кој е артефакт, па остава судот да заклучи – рече тој.

Обвинителката извршила кривично дело?

Марковски рече дека не постои ниедно решение од Управата за заштита на културно наследство што потврдува дали некој од предметите навистина е културно наследство. Професорот ја обвини обвинителката Конеска за сериозни правни прекршувања.

– Управата за заштита на културно наследство носи такво решение. Обвинителката ги знаела тие нешта, а сепак не зела решение. Изнесува тврдење за предмет што не постои. Прави неколку кривични дела. Шпекулира и дава лажен доказ. Тој што ќе пријави друг дека сторил кривично дело, без доказ, ќе се казни со затвор од 3 месеца до 3 години… Обвинителката не пријавила решение, докази, а тврди дека станува збор за културно наследство со непроценлива вредност, а со тоа свесно прави кривично дело. Тој што изнесува докази во судска постапка, а што знае дека се лажни, ќе се казни со затвор. Обвинителката не пријавила решение, ниту, пак, докази, а тврди дека станува збор за културно наследство со непроценлива вредност, со што свесно прави кривично дело – посочи Марковски.

Тој ја обвини обвинителката и за изнесување лажен доказ за локалитети, велејќи дека обвинителката не докажала дека тој и другите обвинитети ископале кристали од локалитети.

– Сите минерали и камења, што се наведени, се во законот за минерални суровини и не подлежат на кривична одговорност. Во доказната постапка донесов слики од минерали, записи, снимки, доведов златар кој потврди дека ми дал камења, па вештак по информатика потврди дека не можам да ги ископам како член на злосторничка група кога сум ги поседувал пред „да се здружам“ со наводните злосторници… Јавниот обвинител тврди дека нешто е природна реткост, надвор од законот, без да достави решение. Изнесува лажни докази, а вештакот Петар Матевски, кога сведочеше, го прашав дали некое од камчињата е природна реткост. Тој рече дека во доменот на неговата експертиза не било побарано да истражува дали нешто е природна реткост. Обвинителката нуди шпекулација, место претпоставки, а тоа е уште еден показател за фабрикување – рече тој.

Марковски истакна дека вештакот на обвинителката, Кире Ристов, потврдил дека паричките на Марковски, што ги вештачел, не може да се најдат на еден археолошки локалитет – па дека затоа е невозможно тие да бидат ископани како целина. Конеска и судскиот вештак дејствувале „како злосторничко здружение“, тврди тој, кога тврделе дека некои предмети се културно наследство од непроценлива вредност – без да приложат решение, проценка или вештачење од надлежна институција.

– Дали приложи решение кои од предметите што ги имам се културно наследство, решение за римските парички што се одземени? Зошто не ги пријавила паричките во Управата која би извршила категоризација? Ако знае дека не се значајно културно наследство, а вели дека се, тогаш прави кривично дело. Таа знае дека не се, па затоа не ги пријавила во Управата. Знае од судска пракса дека за нумизматички материјал се одговара прекршочно, а бара кривична одговорност, тоа е кривично дело од страна на самата обвинителка. Обвинителката и судскиот вештак, како злосторничко здружение, треба да одговараат кривично бидејќи даваат лажен исказ. Јавниот обвинител добро ги знае казнените одредби. Вели дека станува збор за добра со непроценлива вредност, а судскиот вештак ги процени. Нумизматиката е дозволена низ целиот свет и се дозволува трговија со нумизматички предмети – посочи Марковски.

Дополнително, тој се пожали на „измислени сценарија“ во кои обвинителството во завршен збор првпат пласира нови тврдења, без претходна доказна постапка. Професорот ја истакна и хипокризијата на обвинителката.

– Маја Конеска доаѓа со прстен на раката, со преубав кристал со зелена боја, а тврди дека моите кристали се незаконски – иронично коментираше Марковски.

А каде се 2.000 евра?

Во дел од сведочењето што го допира лично, д-р Марковски раскажа за шокот од претресот – како специјалци влегувале во неговиот дом, ги отворале казанчињата во тоалетите, замрзнувачот, каминот, и како му исчезнале 2.000 евра.

– Специјалци и инспектори влегоа, тоа беше шокантно, не знам зошто го правеа тоа. Ја претресоа секоја педа, влегуваа во каминот, отвораа замрзнувач, казанчиња во тоалет… Од дома ми исчезнаа 2.000 евра со кои требаше да купиме мебел. Кога се пожаливме, еден од инспекторите ми рече: „Требаше да си ги земете и да ги чувате“. Му се јави на друг инспектор и му рече: „Ги најдовме работите на докторот“. Како да знаеше за кои предмети станува збор. Ме собраа, плачев, не знаев што се случува, каква злосторничка група, каков криминал… Чуварите беа нервозни. Некој од чуварите спомна дека обвинителот е викнат кај министерот за внатрешни работи, затоа се чекало. Па дојде обвинителката, црвена во лицето, па ме испрашуваше дали ќе бегам ако ме ставиле во куќен притвор. Со солзи прашував „Каде да бегам?“, не знаев што се случуваше. „Таквите како него шетаат со пиштол, спремни да убијат“, тоа го кажа обвинителот. Зборот повеќе ме болеше од притворот – рече Марковски.

Марковски минал три и пол месеци во притвор, а не му бил дозволен домашен притвор и покрај сериозната здравствена состојба по операција, рече тој. Марковски додаде дека единствената причина што излегол од притвор е одлуката на Врховниот суд за други обвинети. Тој обвини дека целата хајка била дел од политичка конструкција, насочена против него како јавна личност и како професор, поради политичките ставови.

– Дали е патриотски чин да затвориш универзитетски професор, да оставиш студенти на цедило? Дали е патриотизам да апсиш стотици луѓе за да не се бунат кога ќе го смениш името на државата? – рече Марковски, алудирајќи на завршниот збор на обвинителката на претходното рочиште, кога таа објаснуваше што значи патриотизмот.

Неговите последни зборови пред судот беа повик за праведна пресуда.

– Нема надеж за мене ако сум обвинет дека сум влегол во злосторничка група, а шефови ми биле Босилјанов и Панов. Се надевам дека судот ќе пресуди според доказите и според вистината, а не да даде каква било пресуда за да не плаќа државата и за да се спаси обвинителката – заклучи тој.

„Надвор од разумот е да се гони за дела кои паднаа“

Бранителот на д-р Вело Марковски, Љупчо Веселиновски, во завршниот збор пред судот посочи дека целото обвинение се темели на конструкција која веќе е формално срушена со повлекувањето на делото „злосторничко здружување“.

– Обвинителката јавно се откажа од гонење за тоа кривично дело, па оттаму е правно неодржливо да се продолжи со гонење на останатите дејствија што произлегуваат од истото. Надвор од разумот е да се тврди дека д-р Марковски ги сторил делата за кои е обвинет – нагласи Веселиновски.

Адвокатот посочи дека секоја точка од новиот обвинителен акт се базира на претходно наведени факти кои биле дел од застареното дело, па дека оттаму нема логичка, ниту правна основа да се конструира нова кривична одговорност врз нивна основа.

– Ако обвинителот се откажа од „злосторничко здружување“, не може од истиот наратив да извлекува нови конструкции за други дела – посочи тој.

Адвокатот ги поддржа и правните аргументи на адвокатот Џилвиџиев, оценувајќи ги како темелни и применливи и на случајот на д-р Вело Марковски. Според него, единствената разумна и законска одлука е ослободителна пресуда.

„Дел од обвинетите секогаш се колатерална штета“

Одбраната на Андони Бојаџи оцени дека обвинението против него е ништовно и изведено со цел да се оправда долготрајната судска постапка.

– Дел од обвинетите се колатерална штета. Секогаш е така. Во таа ситуација е и обвинетиот Андони Бојаџи – изјави тој, децидно додавајќи дека ниеден доказ не потврдил оти Бојаџи сторил кривично дело.

Според него, комуникацијата што обвинителството ја интерпретирало како инкриминирачка – разговори за Дојран, зелени картони, за познаници од Германија – е всушност пријателски разговор меѓу долгогодишни познаници.

– Не е посочено што точно се докажува со тие разговори. Па откако не успеа да докаже трговија со предмети, обвинителството се фати за „прикривање“. Но, ниту предметите се криеле, ниту се најдени – истакна адвокатот, посочувајќи дека Бојаџи сам ги предал предметите, кои ги поседувал со години, дел од нив купени во Солун.

Најсилниот аргумент на одбраната е дека монетите што ги поседувал обвинетиот се вообичаени сувенири – со мала пазарна вредност и без културно-историски статус. Тоа, според адвокатот на Бојаџи, не може да се третира како кривично дело.

– Тие не фигурираат во регистарот на културно наследство. Тоа се железни копии од антички монети, какви што се продаваат насекаде. Колкумина од нас би биле обвинети ако секој сувенир, што ќе го донесеме од странство, се третира како археолошки предмет? – посочи тој.

Одбраната побара ослободителна пресуда за Бојаџи, како и покривање на судските трошоци, со оценка дека самото обвинение е „субјективна креација“, а не засновано на докази.

А метал детектор, а апарат за испитување дијаманти… – само обвинителката не прави разлика

Одбраната на обвинетиот Бобан Досевски го нарече обвинението „фиктивно сценарио“, а не на доказ. Главниот настан врз кој почива делото на Досевски е изјава на жена која сведочела дека „ѝ се сонило дека во дворот има закопана црква“, па повикала луѓе да копаат, рече бранителот. Меѓу нив, и Досевски – кој, според одбраната, копал во подрумска просторија на жената за 1.000 денари. Од десетмина што копале, само Досевски е обвинет – ниту организаторот, ниту другите се опфатени, иако еден од нив бил и сведок на обвинителството.

– Два крста наводно биле најдени, но нема доказ дека се пронајдени при ископувањето, ниту дека биле депонирани во земја – посочи адвокатот.

Вештакот, пак, утврдил дека крстовите се занаетчиски предмети и не припаѓаат на археолошко наследство.

За дополнителна правна конфузија, обвинителството се повикало на мислење од академик од МАНУ кој, сепак, не е судски вештак и никаде не навел дека крстовите се археолошки добра, посочи адвокатот на Досевски.

Одбраната ја нагласи и малку сомнителната ситуација со наводниот метал детектор. Апаратот, што обвинителството го третира како доказ, не бил доставен во судницата, иако, според бранителот, тоа било од суштинско значење.

– Не станува збор за метал детектор, туку за евтин апарат, купен од интернет за испитување дијаманти. Дијамантот не е метал, туку минерал. Апаратот служи за испитување цврстина, а не за лоцирање метали. Обвинителството не докажа ништо – заклучи адвокатот.

Во сведочењето пред судот, Досевски нагласи дека уште еднаш е колатерална штета на истата обвинителка која, посочи тој, го гонела и во случајот „Фаланга“, без доволно докази. Во сегашниот случај, се повторил истиот шаблон: разговори со починат пријател, Живко, кои обвинителот, според него, ги претворил во сценарио „достојно за филм на Спилберг“, рече Досевски.

Осврнувајќи се на сведоците, Досевски тврдеше дека лажеле. Еден од нив, кој бил близок до полицијата, рекол дека добил закани од поранешниот премиер, Зоран Заев, посочи Досевски. Обвинителството поверувало во неговите лаги за „ископаните артефакти“, но го занемарило „признанието за политички притисок“, наведе Досевски.

Тој, исто така, се осврна на „лажното обвинение за поседување метал детектор“.

– Обвинителството ниту го достави „детекторот“ ниту докажа дека тој навистина постои. Инспекторката првин го нарече апарат, а потоа – детектор. Јас ѝ реков: „Проверете на интернет и ќе видите дека станува збор за уред за проверка на цврстина на дијаманти“ – изјави обвинетиот.

Како додаток, Досевски призна дека зел околу 1.500 евра од странци за да најде „кукаст крст“, но рече дека не барал археолошки добра, туку само ги зел парите, објаснувајќи дека и сам признал што сторил. Тој не ја негираше паричната трансакција, но го негираше обвинението дека ископал археолошки предмети, посочувајќи дека се чувствува обвинет за нешто што не го направил.

– Обвинителката се однесуваше осветнички – тврди тој – врбувала сведоци против мене, го искористила Ристе за да сведочи против мене.

„Друга пресуда, освен ослободителна, ќе значи продолжување на агонијата“

Во изјава за Плусинфо, д-р Вело Марковски појасни зошто верува дека процесот, што трае 7 години, не може да заврши со поинаква одлука освен ослободителна – а дека сè друго би значело нов круг судска тортура.

– Поради низа процесни пропусти, судот не би можел да донесе друга пресуда која повисоките судови не би ја одбиле – вели Марковски, алудирајќи на фактот што делото „злосторничко здружување“ е веќе правосилно застарено, а новиот обвинителен акт, според него, повторно го рециклира тоа дело под ново име.

Тој нагласи дека новите обвинувања се всушност стари дејствија, само формално преименувани.

– Во новиот обвинителен акт се даваат нови обвинувања по различен член од Кривичниот законик, но со исти описи од стариот обвинителен акт. Таму имавме пример за „прикривање“ по член 261, а сега е „присвојување“, што е правно неконзистентно – посочи тој.

Марковски укажува и на парадоксот во кој, иако обвинителката на завршен збор го повлекла делото за злосторничко здружување, повторно го наведува терминот „група“ во првата точка од обвинението.

– Во точка 1 повторно се цитира создавање група, обвинение кое јавниот обвинител веќе го повлече – рече д-р Марковски.

Заради сето ова, тој заклучува дека друг тип пресуда, освен ослободителна, би значел само нова агонија, односно уште години по судови.

– Доколку има друга пресуда освен ослободителна, ќе биде причина овој процес, во најмала рака, да се повтори – предупреди професорот.

Дополнително, тој истакна дека поднесувањето обвинителен акт 27 месеци по одредување притвор, а нов обвинителен акт по цели 7 години од наводното дело, е правен преседан што го девалвира целиот систем.

– Огромен преседан ќе биде и ќе настане „нова судска пракса“, обвинителен акт да се поднесува по 27 месеци од притвор, а нов обвинителен акт да се поднесува по 7 години од сторено кривично дело – заклучи професорот.

Дали вистината ќе заврши закопана подлабоко од самите артефакти?

По повеќе од 7 години, судењето за случајот со артефактите завршува како што и почна – со повеќе претпоставки одошто докази, со конфузен обвинителен акт и со повеќе правни противречности отколку одговори. Обвинителката Маја Конеска останува единствената што го брани процесот со полна сила, додека обвинетите, нивните адвокати и дури и дел од јавноста се прашуваат – како воопшто ова стигнало до суд.

Овој судски процес е како вртење во круг (осмиот од Пеколот на Данте). Но, сѐ има свој крај. На 22 мај, во 12 часот, ќе се соопшти пресудата.

Share This Article