Велика Британија за првпат прогласи црвен метеоролошки аларм поради жештините
Во Велика Британија за прв пат е објавен црвен метео аларм поради екстремни горештини, јавува Би-Би-Си.
Тоа значи дека постои опасност по здравјето на луѓето и дека секојдневните рутини ќе бидат променети.Даунинг стрит објави дека го третира временскиот аларм како итен случај.
Се предвидува дека температурата на воздухот на почетокот на следната недела во Шкотска и Северна Ирска ќе биде околу 30 степени, додека во некои делови од Англија и Велс ќе достигне близу 40 степени.
Предупредувањето на британската метеоролошка служба за следниот понеделник и вторник ги опфаќа градовите Лондон, Манчестер и Јорк.
Националната здравствена управа на Британија издаде највисоко ниво на тревога за здравствените институции.
Тие предупредуваат дека се можни здравствени проблеми и смртни случаи дури и кај „јаките и здрави“ луѓе.