More

    Велигден е смисла на постоењето и животна цел

    spot_img

    Воскресението Христово за православните христијани не е само сеќавање и празнување на тој историски настан во одреден ден од годината, туку пред сѐ и над сѐ смисла на постоењето и животна цел. Но, како и да е, по Божјата Милост оваа година народот Божји ќе празнува во полни храмови собран околу својот епископ на Светата Литургија каде што најреално се среќава и заедничари со Воскреснатиот Христос, вели во интревју за МИА викарниот епископ г. Јаков Стобиски.

    Епископот Јаков во интервјуто говори и за административното признавање на фактичката автокефалност на МПЦ-ОА, за однесувањето на Црквата во време на пандемијата, за пописните резултати за религиозната припадност, за случувањата во Украина и заземањето „исправна“ страна од страна на „верниците“, за исполнувањето на верата, обичаите и традицијата, за тоа дали формата ја заменува суштината и дали може да ни се случи да го празнуваме Христовото воскресение без Христос.

    Ваше Преосвештенство, во недела ќе го прославиме Воскресението Христово. По два Велигдена во рестрикции, овојпат ќе биде без ограничувања. Како МПЦ – ОА и Струмичката епархија ќе го одбележат Христовото воскресение?

    – Навистина, во текот на овие две години сите поминавме низ исклучително тежок период, којшто не го окарактеризираа како тежок единствено мерките и ограничувањата, туку пред сѐ страдањето и загубата на многу наши ближни. Воскресението Христово за православните христијани не е само сеќавање и празнување на тој историски настан во одреден ден од годината, туку пред сѐ и над сѐ смисла на постоењето и животна цел. Но, како и да е, по Божјата Милост оваа година народот Божји ќе празнува во полни храмови собран околу својот епископ на Светата Литургија каде што најреално се среќава и заедничари со Воскреснатиот Христос.

    Црквата во изминатите две години беше цел на критики, иако многупати повикуваше на почитување на здравствените мерки. Како го оценувате однесувањето на Црквата и на верниците во време на пандемијата?

    – Црквата, не само во овие две години, туку откако постои, повикува на љубов и сострадание и во изминатите две илјади години е цел на критики, најчесто недобронамерни. Не велам дека секогаш се неосновани и неаргументирани, ниту пак дека никој нема право да ја критикува Црквата, но за време на пандемијата се соочивме со критики и анализи на литургискиот живот на Црквата, кој е впрочем нејзиниот најавтентичен живот, од луѓе крајно нецрковни, кои на моменти користеа и крајно антицрковна реторика. Но, тоа е појава што не нѐ чуди, ниту пак, нѐ обесхрабрува, односно таков е односот помеѓу овој свет и Црквата. Црквата не е од овој свет и сака да го преобрази светот, а светот сака да ја проголта Црквата, правејќи ја дел од себе. Затоа Црквата за време на оваа криза, како и низ сите други во историјата на човештвото, му Го нудеше Христос на овој свет, непрестајно служејќи Литургија, а верниците ја покажаа на дело својата вера причестувајќи се со Него.

    Бројни реакции предизвикаа пописните резултати, особено за графите православни и за христијани. МПЦ – ОА излезе со реакција, но некако без одглас кај надлежните институции. Каков е вашиот став за ова и дали МПЦ и другите верски заедници беа консултирани од ДЗС за да се избегнат вакви ситуации?

    – Реакции имаше и дали се случиле пропусти или не, како што рековте, допрва ќе видиме, но она што мене како епископ на Црквата најсериозно ме загрижува е длабокото непознавање и неживеење на верата, односно неправославноста на голем дел од народот. Тоа е за мене најголемиот проблем, и секако, одговорноста и вината за тоа ја чувствувам најпрвин лично.

    МПЦ – ОА и натаму е во очекување да биде признаена нејзината автокефалија. По непродуктивниот долгогодишен дијалог со СПЦ, надежите се насочени кон Вселенскиот патријарх. Очекувате ли ова прашање конечно да биде затворено со помош на Фанар?

    – МПЦ – ОА со децении ја живее својата автокефалност, чувајќи ја чистотата на Православната вера и сите свои надежи ги полага на Богочовекот Христос, Кој ја возглавува. Административното признавање на оваа фактичка состојба секогаш ќе влегува во ќорсокак доколку ѝ се пристапува на политички, како и досега, а не на црковен начин. Неговата Сесветост, Вселенскиот Патријарх е просветлен и добронамерен човек, кој тежнее кон единство на сите православни. Во тој контекст неговата помош во решавањето на нашето црковно прашање е од огромно значење.

    Дали актуелните случувања во Украина можат да влијаат на решавањето на нашето црковно прашање. Забележливо е и раздвојување и заземање страна кај верниците, дали е тоа во христијанскиот дух?

    – Актуелните случување во Украина влијаат на целокупниот наш живот. Во Украина страда, крвари и гине православен народ, од двете страни, со кој сме органски поврзани преку тајната на Црквата, и невозможно е да не ја чувствуваме таа болка и страдање. Единствена поголема трагедија и апсурд од /самата/ трагедија, и апсурдот на војната е заземањето „исправна“ страна од страна на „верниците“. Тоа не е христијански дух. Токму тоа е, и таков е духот на војната. Само чека соодветна можност да се пројави надвор од нас, налик целото зло што го гледаме во Украина. Господ нека ни е напомош!

    Во лоши времиња луѓето бараат утеха во верата и Црквата. Дали Црквата е подготвена да ги прифати, утеши и приближи, особено младите, кои живеат во време на криза, нарушени вредности, виртуелни „реалности“…?

    – Црквата е вечно млада и вечно актуелна и привлечна за обременетиот млад човек. Зошто? Поради тоа што вредностите коишто му ги нуди Црквата се длабоки и постојани и единствено Црквата не ја релативизира смислата на неговиот живот и постоење. Гледано од духовна перспектива, човекот живее во време на криза од прародителскиот пад па наваму, барајќи го изгубениот дом и Оној од Кого и за Кого е создаден. Секоја друга реалност наспроти оваа е виртуелна и не може да го успокои и да го исполни човекот. Колку и да изгледа розово концептот на живот што му се сервира на младиот човек според критериумите на овој и ваков свет, тој е доволно прониклив да ја согледа вистината, но и измамата на егзистенцијално ниво, а тоа е дека на крајот смртта обесмислува и уништува сѐ. Единствено Воскреснатиот Христос може да го утеши младиот човек во таа смисла и вистински да му го осмисли животот, а тоа е впрочем и сведоштвото и мисијата на Црквата во овој свет.

    Се чини дека обичаите и традицијата доминираат кај народот. Дали формата ја заменува суштината, дали свештениците доволно го поучуваат народот и дали може да се случи ситуација да го празнуваме Христовото воскресение без Христос?

    – Кога зборуваме за обичаите и традицијата секогаш се спомнуваат во контекст на манифестација на некаква побожност, но треба внимателно да испитаме каква. И, не секоја традиција можеме да ја наречеме христијанска, туку само онаа во која Го препознаваме Христос или, подобро кажано, која би нѐ водела кон Него. За жал, доминантната категорија на обичаи се со пагански корени и со антихристијански карактер. Сѐ додека постојат вакви девијации во пракса, воопшто не е полезно да мислиме и да тврдиме дека доволно го поучуваме народот, како што велите, но од друга страна, потребно е да има и кој да ве послуша кога поучувате, нели? Како и да е, формалниот дел од практичниот живот на христијанинот секогаш мора да води кон Суштината, а тоа е Богочовекот Христос. Животните принципи секогаш извираат од Евангелието, а не од народните обичаи и традиција. Во спротивно, може да ни се случи или ни се случува токму тоа, да празнуваме Воскресение Христово без Христос.

    Ваше Преосвештенство, за крај, која е вашата празнична велигденска порака?

    – Она што Црквата го возгласува веќе две илјади години: Христос Воскресна!

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img