Претседателот на Бугарија, Румен Радев упати честитка до својот колега Стево Пендаровски по повод државниот празник на Република Македонија Илинден – Денот на Републиката, соопштија од прес-службата на шефот на државата, пренесува БНР.
Бугарскиот претседател во честитката истакна дека годинава се навршуваат 120 години од Илинденско-Преображенското востание – величествен и значаен настан од заедничкото историско и културно минато на Бугарија и Македонија. Целта и саможртвата на хероите од Илинденско-Преображенското востание е еден од мостовите низ времето што ги поврзува двете земји и нивните граѓани, нагласува шефот на бугарската држава.
„Денеска го препознаваме одразот на идеалите за слобода, еднаквост и братство на нашите предци во основните права на Европската Унија, кон кои искрено посакуваме да се приклучите“, посочува Румен Радев.
Шефот на државата ја изразува поддршката на Бугарија за напорите на РСМ за целосно спроведување на критериумите за членство, како и за сите преземени обврски и постигнати договори на патот на Македонија кон ЕУ.
Радев во честитката посочува и дека контактите меѓу народите на двете земји се важен начин за градење искрени добрососедски односи. Бугарскиот претседател нагласува дека постигнатите договори меѓу Бугарија и РСМ за заедничко одбележување на настаните незаборавни за нашата заедничка историја даваат одлична можност за зближување.
„Убеден сум дека заедно можеме и мораме да ги решиме отворените прашања во билатералните односи, што се очекува од нашите граѓани и е во име на нашата заедничка иднина во Обединета Европа“, истакна и шефот на бугарската држава во честитката.