Велибор Манев ги однел полицајците до местото Кула каде што било закопано телото на убиениот Панче Жежовски, рече Ристе Самарџиев, началник СВР Велес на денешното сведочење во случајот за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот фризер од Велес.
– Веднаш по пријавата за исчезнувањето на Панче Жежовски, ги гледавме камерите на сите бензински и јавни места. Кога се јавија од Скопје дека возилото е пронајдено запалено, сфативме дека Панче е убиен – рече началникот од СВР Велес и додаде дека обвинетиот Велибор Манев им кажал на полицајците каде е закопано телото на Панче.
Колегите од Скопје им јавиле на велешките полицајци дека Манев е осомничен и дека треба да се уапси.
– Колеги го уапсија. Колеги од Скопје го обавуваа разговорот со него, јас само слушав. Манев ни го посочи местото каде е закопан Панче. Призна дека се убијци и на Вања. Со возило нѐ однесе до местото каде е закопан Панче, месност Кула, се оди по земјен пат. Тоа е дупка и тешко ќе ја најдете ако некој не ја посочи, оти е обрасната со дрвја. Таму ни кажа дека сите четворица таму го убиле и го закопале, а дека пукал Палчо. Дупката беше околу три метра. Не можевме да копаме ние, викнавме Пожарна служба која ни помогна да го извадиме телото – рече Самарџиев и додаде дека бил извршен увид на местото на кое е пронајдена чаура.
Сведокот рече дека парче од мобилниот телофон на Вања било пронајдено во возилото на Панче. Телефонот на Панче веднаш го лоцирале, зашто не бил исклучен и зрачел во близина на бензиската пумпа кај Велес. Но, телефонот бил пронајден по два-три дена, во грмушки од капини високи два-три метра, бидејќи бил непристапниот терен прво требало да се расчисти.
Првообвинетиот за двете убиства Љупчо Палевски Палчо го праша началникот дали на камерите кај хотелот „Романтик“ се гледаат три лица во две возила, дали е запознаен дека се гледаат три лица, а не четири, како што стои во обвинението, на што Самарџиев рече дека не е запознаен.
Дента кога колегите од Скопје побарале да ги лишат од слобода Манев и Видевски во велешката полиција сфатиле дека се поврзани исчезнувањата на Вања и на Панче.
Телефонот на Панче бил најден 3 до 4 дена по пријавувањето на исчезнувањето. Самарџиев рече дека лично не ја видел снимката од бензинската во Велес каде Панче точи гориво, туку дека колеги му раскажале, зашто нему како началник работа му е да ги координира дејствата.