Со положување на свежо цвеќе пред споменикот на илинденците и пригодна културно уметничка програма, вечерва во Велгошти започнаа свеченостите за одбележување на најголемиот Македонски национален празник Илинден. Делегација на Општина Охрид предводена од градоначалникот Кирил Пецаков, претставници на политичките партиии ВМРО ДПМНЕ и СДСМ, Сојузот на борците и претставници од МЗ од Велгошти, се поклонија пред илинденските херои. Пред присутните граѓани се обрати градоначалникот Кирил Пецаков:
– Само да се биде на Илинден во Велгошти, е настан сам по себе. Кога на тоа ќе се додаде дека на овој ден се будат сите дамари на секој Македонец, при спомнувањето на славната Илинденска епопеја и херојството на јунаците кои своите животи ги положиле на олтарот за слободна Македонија, тогаш навистина имаме право да бидеме горди на нашето минато. Затоа денес ми преставува особена чест да бидам меѓу вас.
Драги Велгоштани, во македонскиот јазик има еден доста интересен збор – јанѕа. Тоа е она што денес го чувстува секој Македонец – неспокој,немир од денешнината. Но, ве уверувам дека никој нема право на страв ниту ќе не уплашат опасностите кои се надвиснале над Македонскиот народ. Затоа што, на повикот за востание во 1903 -та преку 2000 охриѓани, меѓу кои и 200 грамотни велгоштани, застанале под македонското црвено знаме, на кое пишувало „Смрт или слобода“. Денес ве уверувам дека сме многу, многу побројни и стоиме под едно друго знаме кое се вика – МАКЕДОНИЈА И САМО МАКЕДОНИЈА, зошто денешната генерација нема друга опција, освен токму врз исконските Илинденски идеали да ја сочува Македонија и Македонскиот народ.
На сто и деветнаесет годишнината од првиот Илинден од 1903-та и 78 годишнината од АСНОМ, Илинденската епопеја денес е жива повеќе од било кога во Велгошти, а Вие драги Велгоштани сте најдобрите чувари на илинденските идеали за слободна и самостојна Македонија на македонците и сите нејзини граѓани.
Почитувани гости, пријатели и жители на епско Велгошти,
Дозволете ми да ви го честитам овој светол и голем ден за македонската историја, која убеден сум ќе знаеме да ја сочуваме и да посакам илинденскиот идеал за слободна и праведна Македонија, да живее уште недоброј години во генерации нови достоинствени Македонци, под сонцето на слободна, суверена и независна Македонија. Да сте живи и здрави и Бог да ја чува Македонија – истакна во своето обраќање Пецаков.
Во продолжение на вечерта, беше одржана културно уметничка програма, со настап на КУД “Филиграни“ од Велгошти. Чествувањата продолжуваат утре во десет часот со пригодни свечености пред споменикот на илинденците во градскиот парк и месноста Прентов мост и селото Плаќе.