Западниот Балкан е стратешки важен за НАТО и иако нема директна воена закана кон некоја од земјите во регионот, сепак има причини за загриженост за состојбите поради зголемување на тензиите, изјави денеска во Скопје генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенбер по средбата со лидерите на членките на Пактот од регионот.
– Гледаме закани за сецесионизам во БиХ, кревка безбедносна состојба во Косово и застој во преговорите меѓу Белград и Приштина, а авторитарните држави како Русија го загрозуваат нашиот демократски интегритет со кибер закани – истакна Столтенберг по средбата на која присуствуваа премиерот Димитар Ковачевски, неговите колеги од Албанија и Црна Гора, Еди Рама и Милојко Спајиќ и хрватскиот премиер Зоран Милановиќ.
Според Столтенберг, во НАТО постои загриженост за развојот на настаните во одредени држави во Западниот Балкан и затоа мора да се препознае силата и важноста на Алијансата во регионот.Столтенберг нагласи дека се обраќа до сите во регионот со порака дека е важно е да се изберат дијалогот и дипломатијата пред конфликтот и војната, нагласувајќи оти дијалогот меѓу Белград и Приштина е суштински за нивниот мир и просперитет, при што последните предлози за формирање на Заедницата на општини со мнозинско српско население ги оцени како чекор напред.
– Време е да се надминат регионалните конфликти, што траат предолго, порача Столтенберг.
Во тој контекст тој потенцира дека Република Северна Македонија е валиден сојузник на НАТО која дава важен придонес кон заедничката безбедност, но исто така е пример за успешни мултиетнички односи и општество во кое луѓе од различни етнички групи живеат заедно и ја градат земјата во мирољубива коегзистенција.