Европскиот комесар за проширување Оливер Вархељи изјави дека Европската комисија (ЕК) оценила дека Србија ги исполнила критериумите за третиот кластер и оти преговорите ќе продолжат.
„Преговорите ќе продолжат, особено во областа на владеењето на правото и ја поздравуваме одлуката на српската влада да го задржи пристапниот пат кон ЕУ, како и усвојувањето од Србија на сите амандмани, кои се важни чекори“, рече Вархељи.
Еврокомесарот за проширување порача дека Србија мора да се усогласи со ставот на ЕУ кон Русија, за да продолжи по европскиот пат. Вархељи изрази жалење во име на Европската комисија за неодамнешните трагични настани во Србија и додаде дека во интерес на Белград е да продолжи континуираната соработка со ЕУ.
Тој напомена дека Србија соработува на прашањето за визната политика за да ги спречи илегалните мигранти и борбата против корупцијата, но истакна дека дијалогот меѓу Белград и Приштина и нормализацијата на тие односи се најважни за напредок од секаков вид.
„Комисијата продолжува да и помага на Србија во спроведувањето на економскиот инвестициски план за Западен Балкан и ја повикуваме Србија да даде генерален стратешки одговор на се што бара ЕУ во интерес на нејзините граѓани. ЕУ останува главен политички и финансиски партнер, инвеститор и донатор на Србија“, заклучи Вархељи.