Ване Цветанов, како претседател на државната институција Совет за унапредување и надзор на ревизијата, ја ангажирал неговата сопруга Дунавка Трифуновска да му помага во работењето. Трифуновска, која е поранешна мис на Македонија, оди секој ден на работа во оваа државна институција, а како што вели Цветанов за САКАМДАКАЖАМ.МК за ангажманот не зема пари туку работи волонтерски.
– Дунавка е ангажирана со договор за нула денари. Нормално дека жена ми ќе дојде да ми помогне во работењето кога гледа дома колку работа имам, а немам доволно вработени. Затоа Дунавка ми помага, а за тоа не добива ниту денар и немам зошто тоа да го кријам – вели Цветанов, кој со Дунавка има склучено само црковен, но не и граѓански брак.
Тој потврдува дека Дунавка одела со него на службени патувања.
– Нормално дека Дунавка патувала со мене и голем дел од успесите на институцијата се нејзина заслуга. Нејзе државата ѝ должи за сето она што го направила за оваа институција на полето на ревизијата. Работи сè, има познавања не само од менаџментот туку и во многу други области. За сите успеси и големиот напредок на Советот за унапредување и надзор на ревизијата во изминатиов период заслуга има Дунавка – додава Цветанов за СДК.