Планинарскиот клуб „Аргентус маунт“ од Тетово објави фотографии на кулата на Титов Врв на Шар Планина од кои се гледа дека се оштетени и искршени нејзините врати и прозорци.
„Источна страна на вториот кат, искршени две стакла и еден прозорец целосно откорнат“, пишува под објавата од планинарскиот клуб.
Станува збор за редок објект на таа височина во регионот. Тоа е цилиндрична камена градба, изградена во 1965 година, на надморска височина од 2,747 метри. Проектот го изработил архитектот Коста Поповиќ од Белград, а градбата му била доверена на планинарското друштво Љуботен од Тетово и на ГП „Бетон“.
Нејзина првична намена била да собира меторолошки податоци, но по кратка употреба за оваа намена, целосно е предадена на користење на планинарите. Во кулата три пати бил подметнуван пожар, и повеќе пати била реновирана.
Последен пат кулата е реновирана во 2014 година по иницијатива на планинарското друштво „Аргентус маунт“. Потребните материјали до 2.600 метри надморска височина биле транспортирани со ратрак, а потоа пеш или со коњи, поради непристапниот и стрмен терен. Притоа се монтирани нови прозорци и извршени се други градежни работи. Кулата е омилено место на планинарите, каде можат да се одморат и да се заштитат од силните ветришта, а од неа може да се ужива во величествениот поглед. И покрај тоа оваа кула често е цел на вандали.