Жителите на Москва, Омск и Белгород преку социјалните мрежи објавија дека во вторникот вечерта забележале необичен „зрак“ светлина на небото над тие градови, што вознемирило многу граѓани. Не е потврдено за што се работи, а на социјаните мрежи се зборува дека тоа е ефектот на „ѕид на светлина“ кој го создава ласерското оружје „Пересвет“ на Путин. И во Украина се загрижени поради неговото можно лансирање, јавува Мондо.
Наводно, идентично зрачење е забележано и во Мурманск, каде што се наоѓа седиштето на Северната флота и околу која се наоѓаат најголемите подморнички бази со нуклеарни подморници. Некои од нив се особено важни бидејќи можат да лансираат балистички ракети и наводно биле во фокусот на американските извидувачки сателити и авиони во последната недела.
„Пересвет“ е систем од светлина кој треба да ги заслепи извидувачките сателити доколку орбитираат на надморска височина од 1.500 километри. Ласерското оружје за прв пат беше употребено во 2018 година на иницијатива на претседателот на Русија, Владимир Путин. Наводно, има пет такви системи распоредени на територијата на Руската Федерација.
Западот се плаши дека фотографијата од Белгород ја покажува токму работата на овој систем.