Шефот на руската паравоена група „Вагнер“, Евгениј Пригожин, денеска соопшти дека групата отворила 58 центри за регрутирање во 42 руски града, бидејќи неговите луѓе се на првата линија на битката за Бахмут во Украина.
– Во 42 града на Руската Федерација се отворени центри за регрутирање за „Вагнер“. Таму пристигнуваат нови борци, тие ќе ни се придружат за да ја бранат својата земја и нивните семејства – изјави Пригожин, пренесен од неговата прес-служба на каналот Телеграм.
Соопштението е објавено во време кога групата „Вагнер“ трпи големи загуби во повеќемесечните борби околу Бахмут, град во украински Донбас, што стана епицентар на борбите со украинската армија. Самиот Пригожин призна дека таму загинале многу борци од неговата група.
Односите меѓу Пригожин и рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу се затегнати и шефот на „Вагнер“ постојано се жали дека повеќе не може да регрутира свои борци од руските затвори, од каде групата примаше затвореници во замена за намалувањ ена казната.
Групата сега ја смени тактиката и од неодамна се сврте кон спортските сали каде отвора центри за регрутирање за да привлече потенцијални регрути.
Кон неговата денешна порака е прикачен список на центри за регрутирање, од кои повеќето се чини дека се во спортски сали или клубови за боречки вештини.
Пригожин не кажа колку борци со договор планира да ангажира преку овие отворени центри и за колку време.
Рускиот претседател Владимир Путин во септември најави мобилизација на 300.000 резервисти. Во исто време, групата „Вагнер“ доби дозвола да регрутира илјадници борци од руските затвори, кои добиваат амнестија по шест месеци минати на фронтот.