Речиси 160 затворски чувари и 20 административни службеници сè уште се држат како заложници од побунетите затвореници по големите немири во затворите во Еквадор.
Државната служба за помош на полнолетни затвореници и малолетни престапници СНАИ на социјалната мрежа Х објави дека затворениците држат заложници во седум затвори.
На социјалните мрежи кружат вознемирувачки снимки на кои наводно се гледа егзекуција на киднапирани затворски чувари. Се наведува дека на едно видео се гледа како член на бандата им се заканува на затворските службеници кои се на колена, по што ладнокрвно испукува шест истрели во главата на еден од нив.
Друго видео наводно прикажува членови на бандата како бесат двајца киднапирани чувари.
– Натерајте го да вреска – вели еден од маскираните на видеото.
Командантот на вооружените сили, Хаиме Вела Ерасо, на новинарско прашање за снимката на која наводно се гледа затворскиот персонал подложен на екстремно насилство, вклучително и пукање и бесење, рече дека нема убиени заложници.
Ројтерс не можеше веднаш да ја потврди автентичноста на снимката.
Претседателот на Еквадор Даниел Нобоа прогласи 60-дневна вонредна состојба на 8 јануари за да им овозможи на вооружените сили да ја вратат контролата врз затворскиот систем. Потоа започнаа немири во многу градови и затвори. Криминалците почнаа да палат автомобили и автобуси додека привремено го окупираа студиото на локалниот ТВ канал во Гвајакил. Голем број полицајци се киднапирани низ целата земја.
Како одговор на новата рунда насилство, Нобоа прогласи внатрешен вооружен конфликт и ѝ нареди на армијата да неутрализира 22 криминални групи со десетици илјади членови, додека шефот на заедничката команда на вооружените сили Хаиме Вела Ерасо, ги прогласи криминалните групи за воени цели и рече дека нема да има преговори со нив.