Увозот на работна сила тапка во место, Отворен Балкан е нова закана за одлив на кадарот

Lorita
By Lorita 8 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Како да се пополнат близу 10.000 слободни работни места отворени на крајот на ланската година, кои од почетокот на годинава и во екот на сезонските вработувања во странство дополнително се зголемуваат?

Бизнисмени велат дека засега се оставени сами да се борат со проблемот, но велат крајно време е државата да подразмисли да го скрати времето на примање на социјалните додатоци и да овозможи привилегии за вработување на студенти и за работа на пензионери. На подолг рок да се овозможи во образовниот процес предност да му се даде на стручното образование. Како едно од решенијата се посочува и увозот на работници, но тоа да бидат стручни, образовани, а не општи работници кои треба да се дообучуваат и наместо директно да се вклучат во процесот на работа за нив да се троши дополнително време за обука, па потоа да заминат во други земји. Тие очекуваат повисоки квоти за странски работници и за годинава.

Според последните податоци на Државниот завод за статистика, најмногу слободни работни места има во трговијата 1.687, градежништвото 983, хотелиерството 566 и транспортот 469. На крајот на минатата година во земјава имало 105.452 невработени. Повеќе од половина од слободните работни места се во средните и големите компании.

Во јануари годинава тој број се зголемил на 105.803 невработени, според податоците на Агенцијата за вработување. Од нив 63.697 се без образование, 25.097 се со средно образование, а 6.749 се високо образование.

– Бројката на отворени работни места во хотелиерството е далеку повисока. Можеби сè повеќе од 1.000 работни места кои се непополнети и тешко се пополнуваат. Во наредниот период се очекува да се зголеми таа бројка. Дел од хотелиерите се обидуваат да ги пополнат преку вработување странци од Непал, Филипините и од Индија. Очекуваме со измени на законот за работни односи под посебни услови да се овозможи студентите да работат, како и да се отвори можност и за пензионерите. Сето тоа ќе помогне да се ублажи недостигот од работници – вели Крсто Блажевски, претседател на здружението на хотелиери ХОТАМ.

Тој не очекува големи поместувања на работниците во секторот со отворањето на пазарот во рамки на Отворен Балкан, но очекува да се привлечат специјалисти во туризмот за кои ќе бидат обезбедени и повисоки плати ако дојдат на неколкумесечна работа во Македонија.

– Можно е дел од туристичките работници од зимските центри во Србија на пример да побараат работа во летните туристички центри кај нас, но најмногу се очекува да доаѓаат на привремена работа специјализирани работници како шеф за специјална храна на пример или други специјалисти. Се разбира за тоа ќе треба да бидат и соодветно платени но и да се направат повеќе законски измени за привремено вработување – вели тој.

Блажевски вели дека државата мора да го спроведе процесот на увоз на работници за да опстанат компаниите.

– Не треба да чекаме да има 0 невработени па да почнеме да размислуваме за проблемот. За почеток треба да се зголемат квотите – додава тој.

- Advertisement -
Ad image

Андреа Серафимовски, претседател за Здружението на градежници, вели дека компаниите се оставени сами на себе да се снаоѓаат како да дојдат до работна сила.

– Дел од компаниите преку странски посредници донесоа работници од Индија, Непал и Пакистан, но дали е направена добра работа со ова допрва ќе се види бидејќи и ова има позитивни и негативни ефекти врз компаниите. Можно е во иднина и да ги изгубиме поради нискиот стандард, а може да профитираме ако паметно и со државна стратегија ги водиме работите во однос на градежните компании и работниците. Веќе ги видовме негативните работи од стратегијата капиталните инвестиции да ни ги градат странски компании. За странците главно работат нивни работници, а нашите заминуваат во странство. Инженерите ни одат, бидејќи не сакаат да бидат потценети и да бидат втора или трета рака, па потоа се чудиме зошто никој не сака да студира градежништво. Сѐ на сѐ има добри и лоши работи – вели Серафимовски.

Според него, и Отворен Балкан може да се гледа низа призмата на добрите и лошите работи кои ќе ги има градежништвото.

- Advertisement -
Ad image

– Како компании можеме да ја искористиме градежната експанзија и подем во двете други земји, посебно Србија, но во однос на работниците може да имаме драстичен одлив на кадарот кој заминува за подобри услови. Сѐ ќе зависи од државната стратегија – додава тој.

Архитектот и член на здружението на градежници Никола Велковски, пак, вели дека иако на градежништвото му требаат близу 1.000 работници, не секогаш решението е во увоз на работна сила, туку главно треба да се дејствува со системски закони кои нема да дозволуваат уживање на државна социјална помош, промена во образованието и запирањето на иселувањето.

– Најголем број од работните места во градежништвото 70 до 80% се за работници и тоа квалификувани и неквалификувани во делот на занаетчиските работи. Но, 15 до 20% од потребите се за инженери, градежни, електроинженери за градежништво, инженери од хидраулика и слично кои речиси и ги немаме бидејќи опаѓа бројот на студенти на градежниот факултет или оние кои завршуваат веднаш заминуваат во странство. Но решението не е во увоз на странски работници кои главно се неквалификувани и за кои дополнително треба да се троши на обуки за да можат да се приклучат во работата – вели тој.

Според него, со ангажман на државата и добро согледување на состојбата на пазарот на труд, социјалната заштита и образованието можат да се постигнат ефекти без да се увезуваат работници од надвор.

– Потребна е реформа на системот за социјална помош и тоа во времетраењето на добивањето на помошта од државата за работоспособни лица. Може да им се даде одредена помош, но да се инсистира тие да бараат работа и да се преквалификуваат. Така државата ќе може да ги насочи парите кон другите социјални мерки, а овие луѓе да почнат да работат. Друг многу важен сегмент е тоа што сè уште сме заглавени во социјалистичкото време кога требаше да се учи факултет за да се заработува. Сега, на пример од одделни занаетчиски дејности, столар, гипсари…, кои се потребни во градежништвото може да се заработи многу, но младите не ги сакаат овие занимања. Тука треба да работиме – вели Велковски.

Во однос на отворањето на пазарот на труд во рамки на Отворен Балкан тој вели дека не очекува многу да се подобри состојбата со кадар во трите земји, бидејќи градежниците повеќе одат во Хрватска и во Словенија и од таму бегаат во европските земји.

– Не верувам дека ќе се случи одлив на кадри меѓу трите земји, бидејќи квалификуваните градежници, тие што управуваат машини и секако инженерите имаат друга цел, а тоа се големите европски економии каде што заработуваат. Тоа е резултат на сличниот стандард во овие три земји – вели Велковски.

Share This Article