Министерката за образование и наука Весна Јаневска вели дека прв пат по седум години, учебната година започнува со навремено испорачани учебници во сите основни училишта во државата. Според неа, обезбедени се 10-тина нови наслови во основното и над 100 во средното образование кои досега не биле отпечатени.
МОН до училиштата веќе испорачало 360 илјади примероци од сите одобрени и испечатени учебници и наставни материјали. Единствено, според Јаневска, во основното образование ќе недостигаат петта година по ред учебници за странски јазици од прво до деветто одделение поради тоа што претходното раководство во МОН ја поништило постапката за јавна набавка и таа одлука е во жалбена фаза која сè уште трае.
– Потврдувам дека утре учебници ќе има секаде. Ова беше мое прво ветување веднаш по стапувањето на функцијата и денеска можам да кажам дека успешно го реализираме. На виделина излегува неспособноста или недостигот на желба за работа кај неколку претходни министри. Конечно по повеќе учебни години, ученичките генерации навремено ќе имаат основни наставни помагала за совладување на материјата. Сите учебници кои се одобрени и испечатени, веќе се испорачани. Досега во овие 60 дена, испорачавме над 360 илјади примероци од сите одобрени и испечатени учебници и наставни материјали во вредност од над 80 милиони денари. Учебниците се веќе дистрибуирани по училиштата. Доколку се случи некој ученик или родител да се пожали на стар дотраен учебник ве информирам дека набавката на учебници ќе продолжи според потребите на училиштата. Евидентна е разликата која ја постигнавме за само два месеца, во споредба со минатите 7 години – рече Јаневска на денешната прес-конференција.
Со самото доаѓање во Министерството, вели, таа и нејзиниот тим увиделе дека недостигаат учебници по многу предмети. Јавноста, нагласи, била манипулирана со лажни информации, на пример се тврдело дека учебниците за седмо одделение се одобрени и испечатени.
– Вистината е дека од сите учебници за седмо, само два – албански и турски јазик беа одобрени, додека за останатите, за дел ниту имало отпочнати постапки, а за дел пак постапките не биле завршени. Приложувам документ од печатницата која нé извести за реалната ситуација. Ова е соопштение за јавноста од 29 мај годинава, со кое поранешниот министер тврдеше дека учебниците за седмо се спремни. Огромна лага, која патем е и една од причините заради кои одлучивме да ги вратиме во употреба старите наставни програми и учебници – рече министерката.
Паралелно, појасни, одлучиле да ја стопираат новата концепција во седмо, осмо и деветто одделение, првенствено поради револтот на наставниците околу интегрирањето на предметите и губењето на нивната основна суштина, како и збунетоста кај учениците од материјата која им се предавала.
Можеби ќе ве интересира
ОВАА ГОДИНА НЕМА ДА ИМА ПРОЛЕТЕН РАСПУСТ Наставниците,…
МИА 01/09/2024
17.000 ПОМАЛКУ УЧЕНИЦИ ЗА СЕДУМ ГОДИНИ Ова е резултат на…
МИА 01/09/2024
– Сè уште отворена е можноста за коментари и сугестии по однос на наставните програми за седмо, осмо и деветто одделение, а можам да кажам дека имаме добар одѕив од наставници и здруженија на наставници. Забелешките ќе се анализираат, а Бирото за развој на образованието врз основа на истите, ќе ги изготви новите наставни програми и истите етапно во следните три години, година по година, а почнувајќи од 2025-2026 година, ќе се воведуваат во училиштата – информира Јаневска.
Таа додаде дека во меѓувреме, МОН ќе се наврати на ревидирање на наставните програми во пониските одделенија, бидејќи, како што рече, и таму ситуацијата е слична и, и таа треба да се поправи.
– Да повторам, обезбедивме учебници и наставни материјали за бројни предмети за кои досега немаше. По предметот историја и општество за петто и шесто одделение, предметите историја и географија за седмо одделение за кои обезбедивме печатени материјали, со оглед на тоа што нема одобрени учебници. Сите материјали во форма на учебници се испечатени на 5-те наставни јазици. Наставни материјали обезбедивме и за јазикот и културата на заедниците во сите одделенија каде немаше никаков учебник. Исклучок е македонски јазик за учениците од другите заедници од четврто до деветто одделение, задолжителен предмет за кој наставните материјали ќе бидат изработени наскоро и објавени на веб страницата на БРО – рече министерката за образование и наука.
Според неа, фрапантен е податокот дека до изминатата учебна година се користеле учебници без регулирани авторски права и оти сега се склучени договори и правата се времено отстапени.
Таа потсети и дека било регистрирано и двојно печатење учебници пред две години, кога наводно се испечатиле материјали за прво тримесечје за ученици од неколку одделенија во основно образование, а потоа се печателе и учебници по истите предмети за истите одделенија. Но, ова, додаде, е работа со која треба да се позанимаваат други органи.
Министерката Јаневска нагласи дека во делот на средното образование е затекната состојба на испечатени 15-тина наслови за средно стручно образование и оти сега се печатат над 100 учебника кои досега не биле печатени.
Затекнале и наставни планови и програми стари над 20 години во гимназиското образование, поради што, како што нагласи, отпочнати се подготвителни активности за изработка на нови наставни планови и програми и тие ќе се применуваат од учебната 2025-2026 година. Врз основа на тие планови, рече, ќе се спроведат и постапки за одобрување на нови учебници.
фото: МИА