Утре ќе биде објавен јавен повик за линиите број 20 и број 22 во Скопје. „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ нема да можат да конкурираат една година од денот на раскинување на договорот, поради прекршување на одредбите од договорот од нивна страна.
Ова го соопшти Град Скопје и ги повика сите приватни превозници да аплицираат на објавениот јавен повик, индивидуално или преку претставник на група приватни превозници.
„Јавниот градски превоз, го организираат органите на локалната самоуправа, а не приватни бизнисмени, политички партии или други интересни групи. Во случајов, организацијата на јавниот градски превоз е обврска на градот Скопје и ЈСП Скопје. Основна заложба на ова градско раководство е оптимизација на непродуктивните трошоци и пренасочување на тие средства кон проекти од корист за граѓаните. Оттука, градот Скопје и ЈСП во последните шест месеци успеа да оспособи 130 автобуси од флотата на ЈСП, со што бројката на градски автобуси се зголеми од 140 активни во овој период минатата година, на 270. На овој начин, граѓаните на градот Скопје добиваат подобра, поевтина, сигурна и стандардизирана услуга“, се вели во соопштението на Град Скопје.