Пратениците се враќаат во собраниските клупи и утре ќе ја одржат првата пленарна седница по летните одмори. На дневен ред ги чека „жешка тема“ – интерпелацијата за претседателот на Собранието, Африм Гаши, која ја поднесе опозициската Левица.
„Повторно им предочуваме дека на македонското собрание и на Македонија не им треба некој со капацитет и дејанија споредливи со оние на Џафери, туку им треба целосно сосекување на необалистичките елементи и погубните практики. Потсетуваме дека Левица и во минатиот мандат беше иницијатор за интерпелации на тогашниот спикер Таљат Џафери, а за разлика од останатите политички субјекти, против него имаше поднесено и голем број кривични пријави и иницијативи до Уставниот суд. Оттука, уште еднаш го повторуваме нашиот предлог до нив за избор на претседател на Собранието од пратеничката група на ДПМНЕ, со поддршка на пратеничката група на Левица“, соопшти Левица.
Извесно е дека интерпелацијата нема да помине, затоа што нема поддршка од владејачката коалиција.
Според коалицијата Вреди, интерпелацијата за претседателот на Собранието е директен напад врз државните институции и евроинтеграциите. Од ВМРО-ДПМНЕ веќе се изјаснија дека нема да ја поддржат интерпелацијата за Гаши.
Опозициската СДСМ се очекува да гласа за интерпелацијата. Дента кога Левица го поднесе барањето, партиската потпаролка Богданка Кузеска изјави дека СДСМ ќе му даде поддршка на премиерот Мицкоски за итна смена на претседателот на Собранието Африм Гаши. Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, пак праша зошто ВМРО-ДПМНЕ не почне постапка за смена на собранискиот спикер, во контекст на најавите на власта за одговорно работење на кој било функционер.
Партијата ЗНАМ, која е дел од власта, сè уште не се изјаснила како ќе гласаат на утрешната седница. Нивниот став се очекува денеска.
Пратениците на ДУИ се очекува да го бојкотираат гласањето. Неофицијално, тие ќе се вклучат на почетокот на дискусијата за да го изразат незадоволството од работата на Гаши, но нема да учествуваат во интерпелацијата поднесена од Левица.
Интерпелацијата на Левица е заснована на седум точк. Првите две точки се однесуваат на повреда на секуларноста на државата со групната молитва во Собранието што ја направил Гаши и повреда на дипломатските правила за обезбедување ВИП-личности со инцидентот на скопскиот аеродром во кој учествуваше шефот на обезбедувањето на Гаши.