Европратениците денеска побараа на катарските лобисти да им се оневозможи пристап до Парламентот и да запре работата на законодавните одлуки поврзани со Катар до крајот на случајот за корупција против поранешната потпретседателка на ЕП и другите обвинети.
На овонеделната пленарна седница во Стразбур, европратениците веќе ги разрешија потпретседателката на Евроарламентот – грчката претставничка Ева Каили, која белгиските власти ја обвинија за корупција, а денеска изгласаа резолуција во која побараа серија мерки за зајакнување на транспатентноста и заштитата од мешање на трета страна.
Сите пратенички групи ја поддржаа Резолуцијата за сомнежите за корупција од страна на Катар и поголемата потреба од транспарентност и отчетност во европските институции. За резолуцијата гласаа 541 претставник, тројца воздржани, а двајца беа против.
Во Резолуцијата се бара на претставниците на катарските интереси да им бидат суспендирани картичките за пристап до Европскиот парламент, додека не се обезбедат релевантни информации и појаснувања како дел од судските истраги.
Резолуцијата повикува на суспензија на работата за законодавните прашања поврзани со Катар, особено во врска со визната либерализација и планираните посети, додека наводите за корупција не бидат потврдени или отфрлени.
Каили, една од 14-те потпретседатели на парламентот, беше меѓу четворицата уапсени и обвинети во Белгија овој викенд под наводи дека биле поткупени од Катар за да влијаат на одлуките на Европарламентот.
Белгиската полиција при претресите во петокот заплени поголема сума пари, а меѓу уапсените е и потпретседателката на ЕП од редовите на социјалистите. Тие се обвинети за учество во криминална организација, перење пари и корупција.
Европскиот парламент оваа недела требаше да гласа за предлогот за продолжување на безвизното патување во Европската Унија за Кувајт, Катар, Оман и Еквадор, но во понеделникот претставниците одлучија да го одложат гласањето и да го вратат предлогот на надлежната парламентарна комисија. .
Европратениците побараа и воспоставување функција на специјален потпретседател задолжен за интегритет и борба против корупцијата и надворешното мешање во Парламентот, а по завршувањето на кривичните истраги и можните судски постапки, да се воспостави Истражен комитет за случаи на корупција и несоодветни постапки на трети земји кои сакаат да купат влијание во Европскиот Парламент.
Регулирањето и следењето на групите за пријателство е предуслов за нивно континуирано постоење во Парламентот, сметаат европратениците.