Премиерот Димитар Ковачевски рече дека 15 дена не им биле доволни на службите во Владата да ги подготват уставните измени составени од точно 12 збора. Тој тврди дека тоа е причината поради која иако беше најавено, предлог иницијативата за промена на Уставот денеска не се најде на закажаната владина седница.
Ковачевски деновиве изјави дека очекува работните групи да се усогласат околу поддршката на уставните измени но такви сигнали не доаѓаат од ВМРО-ДПМНЕ, дури обвинуваат дека се можни притисоци врз пратеници за измените на Уставот. Ковачевски отфрла било каква можност за притисоци и рече дека очекува сите услови кои биле договорени на лидерската средба да се почитуваат.
– Изрази желба да биде дел од Владата каде што од моја страна беше понудено да биде братски половина – половина министерски места бараше ДУИ да не биде дел од Владата и на прес-конференција прифати со соопштение, па дури и Алијанса кажа дека нема да биде и Беса нема да биде, тоа значи дека му се ослободуваат на ВМРО-ДПМНЕ уште повеќе министерски места и заедно да ја донесеме одлуката да го довршиме процесот на уставни измени, процесот на скрининг да отвориме барем две поглавја, односно да затвориме две поглавја бидејќи мислам дека сме подготвени за такво нешто од првиот кластер Фундаменталс и потоа да може да се оди на избори – рече премиерот.
Кај опозицијата нема ништо ново. Денеска и заменик координаторката на пратеничката група Дафина Стојановска вели дека не прифаќаат уставни измени под уцена.
– Ние повикавме на широко национално обединување не мислејќи тука само на етничките Македонци во оваа држава. Кога велиме широко национално обединување велиме обединување околу спас на државните интереси за Македонија. Ние само не сакаме да дозволиме антимакедонци од типот на Димитар Ковачевски го спроведат она што го ветиле а го ветиле без да имаат согласност, прво од македонскиот народ а после и од ВМРО-ДПМНЕ како најголема опозициска партија без која, како што гледате, не можат да се случат такви ветени и уценети уставни измени – рече Стојановска.
Предлогот на иницијативата за уставните измени се уште се наоѓа во Влада, а се очекува во најскоро време да помина на владина седница по што треба да бидат доставени во Собранието со што треба да почне процедурата за измени на Уставот.