Уставниот суд требаше многу порано да ја донесе одлуката за укинување на балансерот, бидејќи администрацијата ни е болна и не мислам дека сме во безбедносна криза поради неговото укинување, истакна вечерва претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
– Сите ги упатувам најпрво уште еднаш да го препрочитаат Охридскиот рамковен договор, бидејќи се повикуваат на изворот. Таму јасно пишува дека кога зборуваме за администрација и вработување првиот критериум е стручност и компетентност и велат дека покрај нив, треба да се почитува и основното начело на правичност и соодветна застапеност – рече Сиљановска Давкова во интервју на ТВ 21.
За неа лично, како што кажа, е спорен и самиот збор балансер.
– Терминот балансер ми е спорен, и инструментот. Што балансирате? Ако балансирате и стручност и компетентност и правична застапеност, тоа е во ред – посочи Сиљановска Давкова.
Нагласи дека е недозволиво луѓе да се пишуваат во друга националност, само за да добијат работа.
– Не може да е занимање да бидете Македонец, Турчин, Ром, Влав и не може, ако треба да имаме соодветна застапеност, да се соочиме со еден феномен, луѓето во еден ден, недела или во текот на една година да се декларираат така како што е курентно, зошто – за да бидат примени на работа – посочи Сиљановска Давкова.
Истакна дека поради балансерот администрацијата ни е болна.
– Директори, менаџери сите имаат,… дури до таа мерка станавме ние непрепознатливи или нестандардни што отворено после секои избори се кажува тоа и тоа амбасадорско место ѝ припаѓа на таа партија, тоа директорско место. Ние немаме свест за противправност. Е сега Уставниот суд, бидејќи е чуварот на Уставот и законите нè потсети на тоа, повикувајќи се со право на скринингот, оти рентгенот покажува дека сме болни во поглед на администрацијата – порача Сиљановска Давкова.