Уставниот суд денеска поведе постапка за оценка на уставноста на одредби од Законот за заштита на децата кои се однесуваат на државна помош за новороденчиња, изјави денеска на прес-конференција портпаролката на Уставен Христина Беловска.
Таа истакна дека Судот со мнозинство гласови изразил сомнеж во усогласеноста со уставните одредби на законското решение државата да дава парична помош само за прво и второ новородено дете, со што ги дискриминира следните родени деца во семејството.
– Според Уставниот суд, во овој закон, конкретно во членот 36 спорни се одредени делови кои ги содржат термините „прво и второ“ а се однесуваат на новороденчиња, дел од став 3, како и цел став 2 кој гласи – За прво и второ новородено дете се смета дете кое е прво и второ живородено дете по ред на раѓање на мајката кој редослед се утврдува на ист начин кога мајката ќе роди повеќе деца одеднаш – рече Беловска.
Додаде дека со одлуката Судот да поведе постапка, значи дека влегува во следната фаза во која ќе ја оценува уставноста на оспорените одредби и нивната усогласеност со членот 8, кој се однесува на основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународните права и утврдени во Уставот, членот 9 и членот 42 кој гарантира посебна заштита на децата.
– Овие законски одредби се однесуваат на семејствата кои во последните три месеци пред да поднесат барање за помош за новороденче имаат вкупен просечен приход понизок од минималната нето плата која била утврдена по основ на претходната година – посочи Беловска.