Управниот одбор на Македонската фудбалска федерација (ФФМ) ја назначи Наталија Илиевска Божиновска на функцијата генерален секретар. Илиевска Божиновска доаѓа на местото на Филип Поповски и ќе биде првата жена на оваа висока функција во македонскиот фудбал.
Поповски заминува од функцијата прв оперативец по завршувањето на вториот четиригодишен мандат, по што УО на ФФМ го констатирала неговиот престанок на законски утврдениот максимален мандат и веднаш ја назначила Илиевска Божиновска за негов наследник.
Наталија Илиевска Божиновска која и досега беше вработена во генералниот секретаријат на ФФМ, е прва жена која ќе ја има втората најзначајна функција во македонскиот фудбал, како генерална секретарка на најмоќната спортска организација во земјава.
И покрај заложбите за родова еднаквост и поголема вклученост на жените на раководните функции во спортските федерации, во македонскиот спорт тоа сѐ уште се ретки случаи.