Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД), водечка организација на Македонците во дијаспората со седшите во Вашингтон, испрати протестно писмо до Стејт Департментот на САД поради употребата на терминот „северномакедонци“ од страна на заменикот државен секретар задолжен за Балканот Габриел Ескобар и побара од него јавно извинување кон македонскиот народ.
„Во петокот за време на прес конференција Ескобар изјави дека „северномакедонците се Европејци“ без да се самокорегира или некој од новинарите да се побуни за време на прес конференцијата. Ескобар е скоро две години на функција и имал повеќе состаноци со македонски соговорници, вклучувајќи ги разговорите за Стратешкиот дијалог на 2 јуни 2022 година, и сме зачудени дека таква грешка би направил“ – се вели во писмото на ОМД до Стејт департментот.
Организацијата напоменува дека по потпишување на Преспански договор во 2018 година, сè почесто меѓународната заедница го користи зборот „северномакедонци“, што е спротивно на самиот договор и е навредувачко кон македонскиот народ.
„Користење на зборот „северномакедонците“ ја продолжува долгогодишната дискриминација кон македонскиот народ и ги згрозува нашите човекови права внатре и надвор од државата“, пишува ОМД.