Германскиот министер за економија Роберт Хабек денеска изрази страв дека единството на Европската унија „почнува да се распаѓа“, пред самитот на лидерите на ЕУ на кој треба да се дискутира за ембарго на нафтата од Русија и плановите за намалување на зависноста од руската енергија.
– По нападот на Русија врз Украина, видовме што може да се случи кога Европа е обединета. Имајќи го предвид утрешниот самит, да се надеваме дека така ќе продолжи. Но, веќе почнува да се распаѓа – изјави Хабек на прес-конференција на отворањето на трговскиот саем во Хановер.
Тој побара од Германија на самитот „да зборува со еден глас“ и да не се воздржува од гласање поради разликите во мислењата во владејачката коалиција, повикувајќи ги другите членки на ЕУ да бидат обединети.
– Европа е сè уште огромна економска област со неверојатна економска сила. И кога е обединета, може да ја искористи таа моќ – нагласи Хабек.
Лидерите на ЕУ утре и во вторник ќе разговараат за новиот пакет санкции против Русија, што би можел да вклучи и ембарго на нафта, како и програма насочена кон забрзување на прекинот на зависноста од фосилните горива, вклучително и од рускиот гас