Eвропската унија се подготвува за потенцијална трговска војна со САД во случај Доналд Трамп да победи на претстојните избори во ноември и повторно да стане претседател на САД, тврдат неименувани извори во Брисел.
– Ќе удриме брзо и ќе удриме силно – рече висок европски дипломат за планот на ЕУ да одговори на трговската војна на Трамп.
Друг висок дипломат потврди дека земјите од ЕУ ги координираат потезите со Европската Комисија.
– Брисел има готов список и е сосем сигурен дека може да ја добие оваа трговска војна – рекол друг дипломат, пишува Политико.
Европската унија, наводно, формирала група за брз одговор за да се подготви за последиците од изборите во САД. Групата, која е дел од Европската комисија, официјално се подготвува за победа и на демократите и на републиканците. Сепак, претставниците на ЕУ неформално ја нарекуваат „Трамп оперативна група“.
Трамп го објави својот план да воведе сеопфатни царини од 10 или 20 отсто на увозот од „пријателски“ и „непријателски“ земји доколку победи на изборите. На своите митинзи тој особено ги истакна ЕУ и германската автомобилска индустрија.
Ако Трамп е доследен во својата закана, последиците би можеле да бидат тешки не само за Германија, туку и за повеќето големи европски економии. Производителите како „Фолксваген“, „БМВ“ и „Дајмлер“ имаат фабрики во Шпанија, Полска, Белгија, Чешка, Унгарија, Романија и други земји, и набавуваат делови за автомобили низ ЕУ.
Целта на ЕУ сепак е решение со преговори, бидејќи сметаат дека Трамп, иако брз со зборови, сака да преговара.
– Тој во основа е трговец – рече трет дипломат, потсетувајќи на преговорите на Трамп за трговските договори со Мексико и Канада, како и договорите со Јужна Кореја, Јапонија и Кина.
Лидерите на ЕУ веруваат дека брзиот и силен одговор ќе го доведе Трамп на преговарачката маса, рекоа дипломати и официјални лица.
Целта, според изворите, е да се предизвика толку голема штета што Трамп ќе биде принуден веднаш да преговара, а ЕУ ќе биде во подобра позиција. Брисел беше фатен во тесно во 2018 година, кога Трамп првпат воведе царини за челик и алуминиум од ЕУ, а Брисел возврати само делумно, надевајќи се дека ќе го деескалира трговскиот конфликт со САД.