Европа и САД се на чекор до постигнување трговски договор речиси преслика од договорот на САД со Јапонија, каде што за увозот на европските производи преку океанот ќе бидат наметнати царини од 15%. Јутарни лист коментира дека улогата на германскиот канцелар во договорот е јасна и дека тоа е „победа за Трамп“.
– Во овој момент слушаме дека може да има одлука за трговијата – изјави Мерц, додека го пречекуваше францускиот претседател Емануел Макрон во Берлин на билатерални разговори.
Сепак, Фајненшл Тајмс поинаку ја коментира трговската војна преку океанот. Медиумот пишува дека во Брисел го гледаат договорт како цементирање на статус квото кое веќе постои меѓу ЕУ и САД. Всушност, САД уште од април наплаќаат дополнителни 10 проценти царина за извозот од ЕУ, додека разговорите траат.
Евентуалната нова царина од 15 ќе ги вклучи и тие постоечки царини.
„Царините за автомобили, кои моментално се 27,5 проценти, затоа би паднале на 15 проценти“, пишува Фајненшл Тајмс.
Според ЕУ Њуз се преговара за реципрочни царини, 15% за двете страни, односно буквално пресликување на договорот меѓу Јапонија и САД.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, неодамна најави воведување на 30 отсто царини на увозот од ЕУ, почнувајќи од 1 август.
Трамп веќе го претставува ова како историска победа, тврдејќи дека со новите најавени царини од 30% кги „заштитува американските работници“ и ја враќа индустријата дома заедно со милијарди долари.
Во меѓувреме, агенцијата ДПА и други западни медиуми објавија дека ЕУ спрема одмазда во царини вредна 109,4 милијарди долари доколку договор пропадне.
Мерките вклучуваат веќе усвоен список на производи вредни 21 милијарда евра, како и нова листа со дополнителни стоки вредни 72 милијарди евра.
Одмаздата на ЕУ, доколу договорот пропадне, може да се активира на 7 август.
Портпаролот на Европската комијсија за економска безбедност, трговија и царини Олоф Гил изјави дека попладнево, 24 јули, ЕК ќе го усвои планираниот пакет контрамерки кон САД како одговор на американските царини, откако тој бил поддржан од земјите членки со големо мнозинство.
– Не можам да шпекулирам дали тие ќе бидат воведени или не. Можам само да повторам дека во моментов нашиот фокус е на постигнување договор со САД. Овие контрамерки автоматски ќе стапат во сила на 7 август, ако до тогаш не се постигне договор – рече Гил на денешната прес-конференција во ЕК.
Ројтерс пишува дека во „одмаздата на ЕУ“ покрај тарифите до 30 % за американски стоки, се разгледува и антикоерциски инструмент (АКИ) или ‘трговска базука’ – забрана за американски компании на европски тендери, ограничување на интелектуална сопственост и рестрикции за увоз и извоз“.
Бриселски Политико и Еуроњуз истакнуваат дека покрај царините, ЕУ размислува да го ограничи пристапот на американски фирми до јавни набавки и да воведе данок за дигитални услуги за технолошките компании од САД.
Ројтерс додава дека сите овие мерки засега се држат „во фиока“ додека траат преговорите.
Само Унгарија гласала против „одмаздничките царини“, рекле двајца европски дипломати за Фајненшл Тајмс.
Дипломатите откриле дека договорот постигнат меѓу САД и Јапонија го поттикнал Брисел кон неволно прифаќање на повисока реципрочна царинска стапка за да се избегне штетна трговска војна.
Според наводите на Еурактив, има уште во приказната. Добро информиран извор од институциите на ЕУ изјавил дека на таен состанок на претставници на Унијата, освен царината од 15% било договорено и да се прифати царина од 50 проценти за извозот на европскиот челик во САД, но за возврат да се бараат отстапки во други сектори.
Интересно е дека пред неколку недели извори од ЕК брифираа дека Унијата, која дотогаш јавно се залагаше за политика на „нула за нула“ царини во трговијата со САД, би се согласила на основна царинска стапка од 10 отсто за европскиот извоз на американскиот пазар, по примерот на трговскиот договор меѓу Вашингтон и Лондон.
Трговските преговори уште траат. Службеник од САД изјавил дека ситуацијата може да се смени во секој момент.
Трамп вчера изјави дека САД се подготвени да ги намалат најавените царини доколку ЕУ го отвори пазарот за американски компании.
– Ако се согласат да ја отворат Унијата за американски бизниси, тогаш ќе им наплатиме пониска царина – рече Трамп на настан посветен на вештачката интелигенција.