Унгарскиот премиер Виктор Орбан донесе контроверзна одлука да го покани израелскиот колега Бенјамин Нетанјаху да го посети во Унгарија во време кога Меѓународниот кривичен суд во Хаг донесе налог за апсење на Нетанјаху, пишува „Гардијан“.
– Овде немаме избор, мора да ѝ пркосиме на оваа одлука… Ќе му гарантирам на г-дин Нетанјаху, доколку дојде, дека пресудата нема да има ефект во Унгарија и дека нема да ги следиме нејзините услови – рече унгарскиот премиер во петокот.
Унгарија го потпиша и ратификуваше Римскиот статут за време на првиот мандат на Орбан, но не ја објави поврзаната конвенција. Официјална Будимпешта тврди дека не е обврзана да се придржува кон одлуките на МКС.
Нетанјаху, кој денеска го оцени налогот на МКС како антисемитски, му се заблагодари на Орбан за неговата „морална јасност“, додавајќи:
– Соочена со срамната слабост на оние кои застанаа на срамотната одлука против правото на државата Израел да се брани, Унгарија (застанува) на страната на правдата и вистината.
Земјите во светот се поделени околу тоа како ќе одговорат на налозите за апсење на Нетанјаху, неговиот екс-министер за одбрана Јоав Галант и за командантот на милитантната група Хамас Ибрахим ал-Масри,за кој се верува дека е мртов. Меѓународниот кривичен суд ги сомничи тројцата за злосторства против човештвото.
Во принцип, Нетанјаху и Галант би ризикувале да бидат уапсени доколку отидат во некоја од 124-те држави кои се членки на МКС, вклучувајќи ги земјите на ЕУ, Велика Британија, Канада, Австралија, Бразил, Јапонија и десетици африкански, латиноамерикански и пацифички нации.
Реалноста, сепак, е поинаква. Нетанјаху и Галант se слободни да патуваат во која било од земјите кои, како Израел, не се потписници на статутот на Рим со кој се основа судот во 1998 година, вклучувајќи ги САД, Кина, Индија и Русија.
Додека САД рекоа дека фундаментално ја отфрлаат одлуката на МКС, шефот за надворешна политика на ЕУ во заминување, Жозеп Борел, рече дека одлуките на судот мора да бидат обврзувачки.
Претходно, МКС издаде потерница по рускиот претседател Владимир Путин за злосторства против човештвото. Унгарскиот премиер во тоа време ја нарече одлуката на МКС „безобразно дрска и цинична“.