„Бидете со Украина“. „Запрете ја војната“. „Стоп за руската агресија“. Со овие пароли стотина Украинци во земјава го започнаа протестот на плоштадот „Македонија“ и се упатија кон амбасадата на Русија во земјава.
Украинката Олга Поберезна, која со години живее во Македонија, со солзи во очите побара помош од поголемите земји во Европа да помогнат за да се сопре агресијата врз нејзината земја, каде што има роднини и пријатели, а за кои не знае дали се живи и здрави.
– Во мојата Украина се случува агресија. Не знам која е причината за ваквото однесување на Русија. Во Украина живеат и многу мали деца чии детства ќе бидат уништени. Ги молам поголемите земји да се обидат да ја запрат агресијата – рече Поберезна.
Авганистанецот Каран, пак, кој исто така е дел од протестот, вели дека излегол на маршот за да им даде поддршка на Украинците, оти на сопствена кожа има почувствувано како е да се биде протеран од татковината.
– Дојдов да ѝ дадам поддршка на ИУкраина, бидејќи знам како е поради војна и агресија од други сили да бидеш протеран од сопствениот дом. Се надевам дека војната ќе заврши за брзо време – рече Каран.
Групата пристигна пред Амбасадата на Русија во Скопје, каде што почна да извикува: „Путин е фашист“, „Путин е убиец“, „Путин убива деца“.