Повеќе од 6.000 луѓе се евакуирани по ненадејниот руски упад во вториот по големина руски град. Русија отвора нов фронт во Харков. Според бројни аналитичари, руската пресметка зад овие офанзивни дејства се состои токму во принудувањето на Украина да ги прегрупира своите трупи.
Руската офанзива не е неочекувана, но, сепак, Украина очекуваше руската офанзива да следи подоцна, пишува Дојче Веле.
– Ракети или бомби погодија пет или шест куќи одеднаш. Мојата куќа беше во пламен, а мојот сопруг лежеше под урнатините и не реагираше. Сега ме префрлаат во Харков. Немам повеќе пасош. Немам веќе ништо – вели 82-годишната Татјана Васиљивна од Вовчанск.
Продолжуваат жестоките битки на северот на Украина. Денеска Русите се пофалија дека зазеле девет села во близина на границата. Украина веќе некое време ја очекува руската летна офанзива. Едно од сценаријата е можен обид да се заземе Харков, вториот по големина град во Украина.
Аналитичарите на порталот Дип Стејт сметаат дека ситуацијата се влошува. Воениот експерт Олександр Мусјенко вели дека Русија вовлекува сè повеќе сили во областа, принудувајќи ја и Украина да испрати свои војници во регионот.
Горат станбени згради во Вовчанск. Малото гратче со 17.000 жители се наоѓа северно од Харков, на украинско-руската граница. Од петокот руските војници ја преминаа границата и го нападнаа градот. Аналитичарите на независната украинска веб-страница Дип Стејт наведуваат дека досега освоиле шест села, пренесува Дојче веле.
– Овие два дена и ноќи се страшни. Господ да нè чува. Еден човек лежи и се прашува дали ќе го убијат за еден час -, вели Валентина Хревнова на новинарите од агенцијата Асошиејтед Прес.
И покрај сето ова, оваа 75-годишна жена сака да остане во Вовчанск:
– Страшно е, но што може да се направи? Се надевам дека Русите нема да успеат да стигнат овде. Останете живи – вели нејзината сосетка додека ја напушта куќата.
Руските противвоздушни системи уништија 16 проектили и 31 беспилотно летало што Украина синоќа ги лансираше на руска територија, вклучително и 16 проектили над пограничниот регион Белгород, соопшти руското Министерство за одбрана, додавајќи дека во синоќешниот украински напад врз таа област загинале 15 лица.
Русите го претвораат во пепел градот Вовчанск. Тој треба да им овозможи лесен продор во североисточна Украина.
По овие тешки напади, претседателот на Украина ја критикуваше бавната испорака на оружје од Запад. Во видео-порака, Зеленски рече дека помагаат само реалните испораки на оружје, а не нивната најава.
Русија загуби 484.030 војници во Украина од почетокот на војната на 24 февруари 2022 година, објави Генералштабот на вооружените сили на Украина. Оваа бројка вклучува 1.740 жртви што ги претрпеа руските сили само во изминатиот ден.
Според извештајот, Русија изгубила и 7.485 тенкови, 14.417 оклопни борбени возила, 16.878 возила и цистерни за гориво, 12.487 артилериски системи, 1.070 повеќекратни ракетни системи за лансирање, 797 системи за противвоздушна одбрана, 350 авиони, 325 хеликоптери, 36 бродови и 9 бродови, 9. и една подморница.