Украинскиот министер за култура ги повика западните сојузници на земјата да ја бојкотираат руската култура, апелирајќи до крајот на војната да се запрат изведбите на музиката на Чајковски и другите руски композитори, пренесува Гардијан. Во својата колумна во Гардијан, Олександр Ткаченко тврди дека таквиот „културен бојкот“ нема да значи „откажување на Чајковски“, туку ќе биде „паузирање на изведбата на неговите дела додека Русија не престане со крвавата инвазија“.
Тој смета дека таквиот чекор е исправен имајќи предвид дека војната е „цивилизациска битка за културата и историјата“ во која Русија активно „се обидува да ја уништи нашата култура и меморија“ со инсистирање дека двете држави сочинуваат единствена нација.
Ткаченко, поранешен директор на телевизија во Украина, кој беше критикуван за неуспехот да се вклучи во запирање на контроверзната заканувана реорганизација на Центарот Довженко, филмскиот центар и архивата во Киев, исто така ги повика уметничките институции да не омекнуваат во својата решеност да не ангажираат руски уметници кои ја поддржуваат војната.
Ткаченко е еден од многуте јавни личности во Украина кои зборуваат дека украинската култура била потисната во времето на Руската империја и подоцна, во времето на СССР. Ваквите настани го вклучуваат и масовното убиство во 1937 година на една генерација украински уметници и писатели, познати како „егзекутираната ренесанса“. Во Украина во моментов не се изведува руска музика.
Меѓутоа, како што наближува божиќната сезона и зимските балети каков што е на пример, Оревокршачката, Велика Британија уште не може да му одолее на Чајковски и на другите руски класици.
– Претставувањето на големите историски дела како што е Оревокршачката, изведено од меѓународен список на танчери, треба да испрати моќна изјава дека Чајковски, кој и самиот е од украинско потекло и неговите дела зборуваат за целото човештво, директно и моќно против тесниот и националистички поглед на културата што го продава Кремљ – рече портпаролот на лондонскиот Кралски балет.
Тој додаде дека политиката на лондонскиот Кралски балет, за време на војната, е дека „не работиме со руски државни актери, како што е Бољшој театарот, ниту со поединци кои имаат јасна поврзаност со режимот на Путин во Кремљ“.
„Оревокршачката“ ќе се одржи и во Анлигскиот национален балет, според планираното. Портпаролот на балетот вели дека Kетрин Мекдауел, извршна директорка на Лондонскиот симфониски оркестар, кој изведува програми вклучувајќи ги Стравински и Рахманинов во Германија под водство на Сер Сајмон Ратл, изјави:
– Продолжуваме да изведуваме руска музика од минатото.
Таа, исто така, истакна дека оркестарот продолжил да работи со руски уметници „кои не се идентификуваат со сегашното раководство“.
На сличен став е и директорот на оркестарот Хале од Манчестер.
– Додека ние во Хале ја мразиме инвазијата на Путин на Украина и не изведуваме музика или работиме со уметници кои ја поддржуваат оваа илегална војна, ние како сојузници на Украина стоиме против руската држава, а не нејзиниот народ или нејзината култура – рече Дејвид Бучер.
– Мислам дека не е соодветно како пионерска креативна организација да се откаже, паузира или самоцензурира, во нашиот случај, одлична музика која заслужува да се изведе и чуе – додава тој.
Во Би-Би-Си пак, најголемата телевизиска куќа во Британија, се претпазливи. Во моментов имаат програма со Украинскиот оркестар на слободата.
– Продолжуваме внимателно да ги разгледуваме програмите поврзани со Русија, разгледувајќи сè од случај до случај – вели портпаролот на Би-Би-Си.