Украински беспилотни летала погодија руски танкер на Црното Море, во близина на полуостровот Крим, соопшти денеска Руската Федерална агенција за поморски и речен транспорт.
Соопштено е дека моторната соба на бродот била оштетена во напад доцна вечерта во петокот во Керченскиот теснец.
Се додава дека меѓу 11-те членови на екипажот нема жртви.
Официјален претставник назначен од Кремљ во делумно окупираната украинска провинција Запорожје, Владимир Рогов, изјави дека неколку членови на екипажот на бродот биле повредени од парчиња стакло.
Официјален претставник на Украинската служба за безбедност потврди за Асошиетед прес дека тие стојат зад нападот на танкер кој превезувал гориво за руските сили. За нападот бил користен морски дрон натоварен со 450 килограми ТНТ.
Нападот накратко го запре сообраќајот на мостот Керч, кој го поврзува Крим со Русија, како и сообраќајот на траекти.
Реморкерите биле испратени да му помогнат на танкерот, кој е под американски санкции поради помагање во снабдувањето со авионско гориво на руските сили кои се борат во Сирија, јави руската новинска агенција Тас.