More

    Украинската криза ќе ги покачи цените кај нас и во светот

    spot_img

    Безбедносната состојба во земјава е стабилна и во моментот не постои директна закана. На највисоко ниво е подигнато нивото на заштита, а се очекува засилување на опасноста од кибер напади по нападот на Русија врз Украина.

    Но, предизвикот кој стои пред земјава е повеќе од економска природа, која е од глобални размери. Од Владата уверуваат дека се подготвени и дека ќе одговорат соодветно со цел да се намали притисокот врз граѓаните, домаќинствата и стопанството.

    Ќе има поскапувања во целиот свет, но не се знае колкави

    Премиерот Ковачевски во своето обраќање до јавноста вчера предупреди дека нè чека неизвесна година, но вети дека Владата ќе интервенира со цел да се заштити домашната економија и финансиската состојба на граѓаните.

    – Би сакал да ве уверам дека Владата одблиску ги следи промените во светските економски текови и како и досега ќе делува максимално одговорно и во најдобар интерес на заштита на домашната економија и финансиската состојба на граѓаните. Досега, преку правилно поставената стратегија во оваа исклучително кризна година, ние како Влада инсистиравме и овозможивме сите ресурси и енергија да се насочат кон справувањето со кризата и економска поддршка за граѓаните и стопанството. Ги покачивме платите, ќе се покачат пензиите и финансиски ги поддржуваме компаниите. Така ќе продолжиме и понатаму – истакна Ковачевски.

    Она што се очекува како ефект од руско-украинската криза врз македонската економија е глобалното влијание од покачувањето на цените на основните прехранбени производи и енергенсите.

    Ефект на снежни топки во економијата

    Според министерот за финансии Фатмир Бесими, тешко е во овој момент да се зборува за исходот на оваа криза врз глобалната економија.

    Исходот, вели Бесими, ќе зависи од тоа како ќе се одвива инвазијата и колку ќе трае, какви западни санкции ќе се воведат и дали Русија би реагирала со реципроцитет.

    – Како што видовме и со пандемијата, помалите прекини во еден регион можат да генерираат поголеми прекини глобално. Недостигот или порастот на цените на некои од стоките кои ги извезуваат овие земји, може да имаат ефект на снежни топки, особено бидејќи економијата е сè уште кревка од ударот на пандемијата. Имено, синџирите на добавување се сè уште затегнати, понудата прави ценовни притисоци, а Федералните резерви на САД и Европската централна банка претходно најавија затегање на монетарната политика поради високата инфлација.

    Дополнително, политичката несигурност и нестабилност ѝ тежат на економската активност, вели Бесими во неговата најнова колумна.

    Осврнувајќи се на главните економски последици врз европската економија кои би можеле да настанат од руско-украинската војна, Бесими во колумната посочува дека предизвиците од европската економија ќе се рефлектираат и врз македонската економија.

    – Покрај директните ефекти врз македонската економија, преку трговската размена, развојот на настаните во Украина може да има и негативен ефект врз европската и глобалната економија, преку дополнителни нарушувања на синџирите за снабдување, односно негативен ефект врз странската побарувачка. Како мала и отворена економија која е високоповрзана со европската, ние би ги почувствувале тие нарушувања. Исто така, може да дојде до поголема претпазливост кај странските и домашните инвеститори, што би се одразило на нивото на инвестиции – вели Бесими, додавајќи дека будно се следи состојбата и се креираат соодветни сценарија за можните исходи.

    фото: МИА

    Имаме резерви, ликвидни сме

    Министерот уверува дека стоковите резерви се на соодветно ниво, а буџетот ликвиден и дека има средства да се реагира доколку има потреба.

    – Имаме и инструменти да ги ставиме на располагање за приспособување во услови на поголеми нарушувања на пазарите – порачува Бесими, оценувајќи дека во вакви кризи од големо значење е темелната анализа и земањето предвид на сите параметри, дури и на оние кои во моментот се чинат дека се мали и неважни.

    „Не треба да шириме ниту песимизам, ниту оптимизам, туку да бидеме реални и да преземаме активности согласно ситуацијата. Со таква стратегија дејствуваме и за време на пандемијата, кога донесовме 6 пакети на антикризни мерки за поддршка на граѓаните и стопанството и за што во сите извештаи на меѓународните институции добивавме признание дека сме дале силен и навремен одговор“, наведува министерот Бесими во колумната.

    Кризата ќе го осиромаши туризмот

    Очекувањата на Асоцијацијата на хотелиери (ХОТАМ) се дека руско-украинската криза негативно ќе се одрази врз туризмот во земјава.

    – Цените не можеме да ги задржиме, се намалува моќта на секој турист од која било држава да направи одмор од 15 до 20 дена. Вака би направил пет дена, ако воопшто би дошле. Имаше јавувања, односно интерес од украински и руски тур оператори со оглед дека имаме и лет од Русија. За почеток беа на добро ниво, но со збиднувањата сега се затворени, не се знае што ќе биде понатаму. Се надеваме на добар компромис и разум кај сите големи сили да можат ова да го решат што побрзо и да одиме понатаму – изјави претседателот на ХОТАМ, Крсте Блажевски.

    Според Блажевски, хотелските капацитети на охридско-струшката ривиера се подготвени доколку има потреба да прифатат бегалци од Украина.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img