За една недела, украинската армија повторно зазеде 37 квадратни километри од руските сили на истокот и југот на земјата како дел од контраофанзивата што ја спроведува во тие области, изјави заменик-министерката за одбрана на Украина Гана Малиар.
Таа рече дека на југот на земјата, ослободените територии се зголемени за 28,4 квадратни километри, со што вкупната површина вратена во таа зона е 158 квадратни километри од почетокот на контраофанзивата на почетокот на јуни.
На истокот од земјата Киев од Русите поврати само девет квадратни километри, изјави заменик министерот за одбрана.
„Непријателот пружа силен отпор, во тек е многу тешка битка“, рече Малиар.
Таа, исто така, рече дека руските сили започнале офанзива на крајот на минатата недела во близина на Сватова, во источниот регион Луганск. Таа, исто така, рече дека Русите се обидуваат да напредуваат кон Лиман, град во областа Доњецк што украинската војска повторно го зазеде минатата есен.
Украинската заменик-министерка за одбрана вчера објави дека се водат „тешки борби“ во четири зони на линијата на фронтот на истокот на земјата каде, како што рече, руските војници „напредуваат“.
Командантот на украинската армија Валериј Залужни оцени дека неговите трупи биле ограничени во нивната контраофанзива поради бавното доставување на западно оружје и недостатокот на борбени авиони. Тој го изјави ова во интервју објавено во петокот во американскиот весник Вашингтон пост.
„За да и се спротивстави на Москва, на Украина и се потребни борбени авиони Ф-16 што е можно побрзо“, изјави украинскиот генерал.
Тој изјави дека им недостига артилерија за да се спротивстават на моќните руски напади.
Началникот на Генералштабот на американската армија Марк Мили во петокот рече дека САД ќе и ја дадат на Украина сета помош што и е потребна и призна дека контраофанзивата „се одвива побавно од предвиденото“. Тој рече дека не исклучува испорака на авиони Ф-16 или тактички ракети АТАКМС, иако, како што додаде, засега не е донесена одлука за тоа.