Руските сили за противвоздушна одбрана ноќеска уништија 19 украински беспилотни летала, соопшти денеска руското Министерство за одбрана.
Шеснаесет од 19-те беспилотни летала се соборени над Ростовската област.
„Останатите беа пресретнати над регионите Белгород и Брјанск“, се наведува во соопштението на руското Министерство објавено на Телеграм.
Украинските сили за противвоздушна одбрана ги пресретнале сите беспилотни летала со кои Русија го нападна Киев ноќеска, објавија украинските медиуми, повикувајќи се на украински официјални лица.
Градската воена управа на Киев соопшти дека остатоци од пресретнати дронови паднале во две области на главниот град на Украина.
Повеќето руски беспилотни летала пристигнале од североисток, приближувајќи се кон Киев од различни страни.
Во текот на ноќта двапати беше прогласена воздушна тревога, која траеше вкупно пет и пол часа.
Во квартот Шевченко во Киев, остатоците од соборените дронови ја оштетија површината на патот, уличното осветлување и инфраструктурата за пренос на електрична енергија. Најмалку пет згради имале скршени прозорци и врати од ударниот бран.
Нема информации за повредени.