Претседателите на САД и Русија, Џо Бајден и Владимир Путин денеска телефонски разговарале за кризата околу Украина, а разговорот траел нешто повеќе од 1 час, соопшти Белата куќа.
Нема детали што заклучиле двајцата претседатели.
Разговорот бил реализиран по барање на Белата куќа како превентива од информациите на американските разузнавачки служби за можноста Русија да ја нападне Украина наскоро.
Путин претходно разговараше и со францускиот претседател Емануел Макрон. Разговорот траел речиси 2 часа.
Во соопштението од Елисејската палата се вели дека Путин денеска за време на телефонскиот разговор со францускиот претседател Емануел Макрон не кажа ништо, што би укажало дека се подготвува за инвазија на Украина.
– Не видовме навестувања дека Путин ќе тргне во офанзива. Без разлика на тоа, остануваме крајно будни и внимателни со цел да се избегне најлошото – изјавија од кабинетот на Макрон.
Макрон и Путин, како што се наведува во соопштението од Елисејската палата „искажаа желба да го продолжат дијалогот“ за „начините за придвижување на имплементацијата на Договорот од Минск“ за Донбас и за „условите за безбедност и стабилност во Европа“.
Макрон на 7 февруари се сретна со Путин во Кремљ, а потоа отпатува за Киев на средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Голем број западни земји, но не и Франција, побараа од своите државјани да ја напуштат Украина, а Москва најави дека ќе го намали својот дипломатски персонал.