Врховниот командант на украинските сили предупредува на недостиг на муниција. „Мораме да се соочиме со намалување на воената поддршка од клучните сојузници кои се борат со сопствените политички тензии“, напиша Валериј Залужни за американскиот CNN.
Залихите на муниција се трошат поради интензитетот на непријателствата во Украина, предупреди врховниот командант на украинските сили Валериј Залужни во напис за американскиот CNN.
Тој нагласи дека Украина се соочува со намалување на воената поддршка од Западот и повика на зголемување на производството на сопствен арсенал, пренесува германската новинска агенција dpa.
„Мораме да се соочиме со намалување на воената поддршка од клучните сојузници кои се борат со сопствените политички тензии“, напиша Залужни за американскиот CNN. Тој објасни дека залихите на муниција и друга опрема се трошат поради интензитетот на непријателствата во Украина, како и поради глобалниот недостиг на погони за муниција.
Во контекст на ова, тој повика на зајакнување на украинското одбранбено производство и укажа на нецелосноста на регулаторната рамка во оваа област и делумната монополизација на одбранбената индустрија во земјата. „Ова предизвикува тесни грла во производството, на пример во муницијата, што дополнително ја зголемува зависноста на Украина од нејзините сојузници“, напиша тој.
Според Залужни, Украина, меѓу другото, треба брзо да го зголеми производството на сопствен арсенал на евтини, модерни и ефикасни беспилотни возила, наведува dpa.
Тој додаде дека Русија има предност и во однос на Украина кога станува збор за мобилизирање војници. Притоа тој навести дека Киев не е подготвен да прифати „непопуларни мерки“ за зголемување на бројот на припадниците на вооружените сили. Предлог-законот за мобилизација во моментов се расправа во парламентот во Киев.
Неодамна, односите меѓу Залужни и украинскиот претседател Володимир Зеленски повторно се затегнати, откако Зеленски наводно во понеделникот го повикал популарниот генерал да поднесе оставка, што тој го одбил. Извештаите за повикот за оставка беа демантирани во Киев.
Спорот меѓу претседателот и генералот се одолговлекува со месеци, но особено се засили по неуспешната амбициозна украинска офанзива минатото лето.