Празни јами и руски ровови во Црвената радиоактивна шума на Чернобил може да се видат на нова снимка која вчера ја објавија украинските власти, пренесува Мондо. Руските трупи ја напуштија нуклеарната централа, но не се знае што точно правеле во овие региони.
Според Ројтерс, Црвената шума го добила своето име кога десетици квадратни километри борови буквално станале црвени откако ја апсорбирале радијацијата по експлозијата во Чернобил во 1986 година.
Во шумата се гледаат траги од тенкови, а на сите им е забрането да работат и да престојуваат таму, пренесува Си-Ен-Ен. Тоа е најзагадената зона во склоп на Чернобил.
Минатиот петок, од „Енергоатом“ рекоа дека не е јасно што прават руските војници во Црвената шума и дека е можно тие да биле изложени на значително зрачење кога ги копале рововите.
Радиоактивната прашина подигната од руските борбени возила можеле да ја вдишат војници кои не носеле опрема за заштита од радијација, изјавија работниците од електраната.
Чернобил, кој сега повторно го контролираат Украинците, беше во рацете на руските војници уште во првата недела од окупацијата.