Украина и САД ја обвинуваат Русија дека „незаконски отстранила“ илјадници украински деца од регионот на Донбас и ги однела во Русија, пишува Нова. Повикувајќи се на украинското Министерство за надворешни работи, американската амбасада во Киев денеска соопшти дека руските сили „нелегално отстраниле“ 2.389 украински деца од регионите Доњецк и Луганск и ги однеле во Русија.
„Според украинското Министерство за надворешни работи, руските сили илегално префрлиле 2.389 украински деца од регионите Доњецк и Луганск во Русија. Тоа не е помош. Тоа е киднапирање“, напиша американската амбасада на Твитер.
Бројката од 2.389 деца ја потврди и јавниот обвинител на Украина, Ирина Венедиктова.
„Руските сили не само што пукаат и ги убиваат нашите деца, туку и насилно ги преместуваат во Руската Федерација. Истрагата за присилното префрлање на 2.389 деца од привремено окупираните територии на Украина во Русија е во тек“, напишала таа на Твитер.
Градскиот совет на Мариупол, пристаништен град во јужна Украина, во регионот Доњецк, во соопштение во саботата соопшти дека руските сили „насилно депортирале неколку илјади луѓе од опколениот град“ минатата недела.
„Во текот на изминатата недела неколку илјади жители на Мариупол беа депортирани на руска територија“, соопшти градскиот совет на Мариупол во саботата навечер.