Украина доби само десет отсто од оружјето што го побара од западните земји, изјави денеска заменик-министерката за одбрана Ана Малијар, за време на телетонот организиран од украинскиот јавен сервис.
– Капацитетите на Русија во однос на персонал и оружје се неспоредливо поголеми од нашите. Колку и да вложуваме труд и колку и да е професионална нашата армија, без помошта на западните партнери нема да можеме да победиме во оваа војна – изјави Малијар, пренесува ТАСС.
Таа предупреди дека во овој момент украинската армија нема доволно оружје и воена опрема за рамноправно да и се спротивстави на руската војска.
Како пример, таа наведе дека украинската армија може да употреби меѓу 5.000 и 6.000 артилериски гранати дневно, додека руската армија истрелува десет пати повеќе.