Украина денеска демантира дека со дрон го нападнала Генералштабот на руската флота во Црното Море на Крим, наведувајќи дека руските обвинувања се „намерна провокација“.
Портпаролот на регионалната администрација на Одеса, на југот на Украина, рече дека руските обвинувања за „т.н. украински напад врз Генералштабот на руската флота во Севастопол“ претставуваат „намерна провокација“.
– Ослободувањето на окупираниот украински Крим ќе се изврши на друг, многу поефикасен начин – додаде портпаролот Сергиј Братчук.
Гувернерот на анектираниот полуостров Крим, Михаил Развожаев изјави дека денеска е извршен напад со беспилотно летало врз Генералштабот на руската флота во Црното Море во Севастопол, при што пет лица се ранети.
„Утринава украинските националисти решија да го уништат Денот на руската морнарица“, кој денеска се слави во Русија, напиша Развожаев на Телеграм.
Тој рече дека дронот стигнал до дворот на Генералштабот на флотата и дека меѓу вработените во Генералштабот има петмина ранети. Според него, нема загинати.