Украдените икони од Струшко пронајдени во Албанија по цели 9 години се враќаат назад во Македонија. Вкупно ги има 21, а денеска, по потпишаниот Договор за враќање на незаконски изнесените икони од земјава, албанската министерка за култура Елва Маргарити симболично на колешката од Македонија, Бисера Костадиновска-Стојчевска, ѝ врати една од иконите.
– Ова е навистина голема година за нашите граѓани, особено за Македонците, затоа што на почетокот на годината МПЦ беше примена во сослужување со сите други православни цркви, потоа ги почнавме преговорите со ЕУ, следуваше потпишувањето на договорот за Фронтекс, каде македонскиот јазик првпат беше заедно со сите други јазици во ЕУ, одобрен од сите 27 членки и денеска нешто на што се работеше изминатите години – 21 икона кои припаѓаат на нашите манастири се враќаат во нашата држава – изјави премиерот Димитар Ковачевски, потенцирајќи дека ова е навистина голем гест од страна на министерствата за култура на двете земји.